Српската влада ќе и помогне на месната индустрија Митрос да не банкротира

Владата на Србија бара решение сопственикот на месната индустрија Митрос, австриската компанија Гирлингер Холдинг, да не ја затвори фабриката. На маса се две стратегии – државна помош или продажба, дознава агенцијата Бета од Синдикатот на вработените во земјоделството, прехранбената и тутунската индустрија и водостопанството на Србија.
„Државата е подготвена да му помогне на Митрос да продолжи со производството и да се преориентира на домашниот пазар, наместо на извоз, а доколку не се договори такво решение, ќе се направи обид за продажба на месната индустрија“, рекоа од тој Синдикат. Сопствениците на Митрос објавија дека „врз основа на детална анализа на бизнисот, менаџментот бил принуден да донесе тешка одлука да го прекине производството во компанијата Митрос Флејшварен (месни производи) во Сремска Митровица“.
Се претпоставува дека проблемите настанале поради повисоката цена на месото во Србија отколку во Европа. „Гирлингер Холдинг“ во Србија работи од 2016 година, а на официјалното отворање на фабриката присуствуваше и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој тогаш изјави дека австриската компанија добила финансиска помош од Владата на Србија во износ од 5,3 милиони евра, како субвенција за вработување, објави Данас.рс.