Српска листа нема да го поддржи формирањето на новата косовска влада

Српската премиерка Ана Брнабиќ по денешниот состанок во Белград со претставници на Српска листа од Косово, изјави дека оваа партија нема да го поддржи формирањето на новата косовска влада

Српската премиерка Ана Брнабиќ по денешниот состанок во Белград со претставници на Српска листа од Косово, изјави дека оваа партија нема да го поддржи формирањето на новата косовска влада, јави дописникот на МИА од Белград.

– Српска листа која освои десет пратенички места во косовското Собрание одлучи да не го поддржи формирањето на новата влада, изјави Брнабиќ.

Таа наведе и дека пред да се укинат таксите нема да дојде до сериозни разговори со претставниците на власта во Приштина.

Директорот на владината Канцеларија за Косово, Марко Ѓуриќ, изјави дека одлуката е донесена имајќи го предвид фактот дека во претходниот период приштинските власти на „фундаментален начин ја имаат изневерено довербата на Србите и на нивните претставници, но и ги газеа правата на српскиот народ”.

– Иако Српска листа нема да ја поддржи оваа влада, тоа не значи дека нема да разговараат со албанските претставници во Косово со цел да го заштитат нашиот народ и да ги нормализираат односите, кажа Ѓуриќ.

Тој додаде дека на денешната средба се согласиле и дека српските политички претставници од Косово своите одлуки за учество во „привремените приштински институции” ќе ги носат во консултација со српскиот претседател Александар Вучиќ, премиерката Ана Брнабиќ и Канцеларијата за Косово на српската Влада.

Пред средбата со премиерката на Србија, претставниците на Српска листа изјавија дека „нема да бидат пречка” кога станува збор за формирање на новите приштински институции, но и дека ќе бараат укинување на таксите.

Самоопределување и ДСК бараат поддршка од најмалку уште четири пратеници за да се достигне бројката од 61 глас во текот на утрешното гласање за новата влада и се очекува да постигнат договор со претставниците на малцинските партии во Парламентот.

Меѓу Самоопределување и Демократската алијанса на Косово (ДСК) денеска беше потпишан коалициски договор по четиримесечни преговори.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот