Српска листа казнета со 30.000 евра затоа што во спот го прикажува Косово како дел од Србија

Изборниот панел за поплаки и претставки (ПЗАП) при косовската Централна изборна комисија ја казни со 30 илјади евра партијата Српска листа (СЛ), поради објавување рекламен спот во кој Косово се прикажува како дел од Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Како што објави телевизијата КТВ, ПЗАП оцени дека преку овој спот, кој е дел од кампањата за изборите што ќе се одржат идната недела, на 6 октомври, најголемата партија на косовските Срби предизвикала меѓуетничка омраза во Косово.

Во образложението на одлуката на ПЗАП се вели дека СЛ исто така го прекршила и Законот за избори на Косово.

Иако, како што наведува приштинската телевизија, во јавните настапи се забележуваат бројни вербални напади меѓу албанските партии, во ПЗАП не е поднесена ниту една поплака за говор на омраза. Меѓутоа, само во првите три дена од изборната кампања, која започна во средата, на 25 септември, поднесени се 30 претставки, главно поради користење деца во кампања и истакнување постери на места на кои тоа не е дозволено. Од нив 13 претставки се разгледани, додека 17 се во процедура на разгледување.

На парламентарните избори во 2017 година ПЗАП изрече казни за политичките партии во вкупна вредност од околу 350 илјади евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот