
Среќата и малите нешта
Велат дека квалитетот на животот се мери преку квалитетот на односите што ги имаме со луѓето околу нас. Па, така, ги навраќам мислите на сите драги луѓе од изминатата година, оние што свесно или несвесно, блиску или далеку, физички или апстрактно, беа со мене.
Првите денови од новата година секогаш се полни со надеж.
Препорачано
Пред неполна година ја напуштив Македонија. Шетам по плажа, опуштена и без некој посебен план. Единствено, овие денови имам право на вакво опуштено тело и ум. Мислите, како миленици што трчаат по километарската плажа, се бркаат и се испреплетуваат, секоја со своја приказна и правец. Сакам да ги средам, да направам некаков план, но тие, инаетливи, одбиваат да се скротат.
Ок, си велам, нека биде така. Нека е ден за рефлексија – за малите победи, за насмевките што го отфрлаат товарот на грижите, за магијата на обичните нешта. Зашто, токму тие, обичните и случајни моменти, се всушност најдрагоцените работи во животот. Среќата не е нешто што се учи, таа се крие во тие обични и случајни моменти.
Велат дека квалитетот на животот се мери преку квалитетот на односите што ги имаме со луѓето околу нас. Па така, ги навраќам мислите на сите драги луѓе од изминатата година, оние што свесно или несвесно, блиску или далеку, физички или апстрактно, беа со мене. Секој момент, секоја реч и секоја нивна постапка – ме водеа кон мојата среќа.
Се присетувам на мојата најдрага пријателка, која се отсели од Скопје, и која секој ден ме инспирира со својата неверојатна сила, великодушност и зрелост што ја носи со себе во секој нов чекор што го прави. Нејзините успеси се мојата среќа. И моите колешки, жени што со љубопитност впиваат живот како жедни птици, кои со насмевки се борат против тагата и кои упорно бараат одговори на горчливите прашања, инспирирајќи ме со својата храброст. И луѓето што поставуваат незгодни прашања, кои го предизвикуваат статус квото и ми даваат надеж за подобра иднина, и тие се дел од мојата среќа.
Тука се и оние тивки, но секогаш присутни луѓе. Тие кои, иако разделени со илјадници километри, ќе подигнат чаша за мене, ќе пратат фотографија и нема да дозволат да почувствувам носталгија. Или оние со кои сонуваме за идни авантури и патувања што ќе нè променат засекогаш. И онаа моја школска пријателка која, уште пред да успеам да кажам дека ми е тешко, се качува на авион и доаѓа кај мене – да ме чува, да ме пази. Душа толку блиска, што целосно се разбираме дури и со половина реченица.
Среќна ме прават и оние со кои ме делат временски зони и неколку океани, но сепак го чувствуваат секој мој миг, особено во денови кога копнеам по блискост и топлина. Тие како да се невидливо присутни, со мене се во кујната додека го подготвувам утринското кафе и размислувам како да го постигнам невозможното за тие 12 часа. А потоа, на мојот роденден, ме изненадуваат со букет на вратата, расплакувајќи ме од среќа, само за да ме потсетат дека, иако сум сама, никогаш не сум осамена.
Тука се и оние драги лица што секогаш ме пречекуваат кога се враќам назад, кои го прават времето да изгледа како да не поминало, бидејќи сегашниот момент е сè што навистина е важно. Со нив, одново ја создавам истата магија, како првпат да го делиме тој миг.
И да, сите големи победи и успеси се значајни. Но, ако треба да бирам повторно и повторно, секогаш би ги одбрала малите моменти. Понекогаш, едноставни работи како позајмената запалка или омилената песна можат неочекувано да ги спојат луѓето и да донесат многу повеќе среќа од големите триумфи што ги посакуваме.
Првите денови од новата година се полни со магија.
(Авторката е експертка по спортска дипломатија)