СРЕДСТВА ОД ОЛИГАРСИ, БИЗНИСМЕНИ, БАНКАРИ: Конзервативната партија на Борис Џонсон примала руски пари?

Фото: Профимедиа

Нова истрага открива дека Конзервативната партија на Борис Џонсон примила пари во готово од руски донатори во текот на изминатата година, вести кои доаѓаат во време кога неговата влада продолжува да го блокира објавувањето на извештајот за руското влијание на претходните избори, пренесе „Бизнис инсајдер“.

Истрагата на „OpenDemocracy“ покажува дека британската Конзервативна партија примила најмалку 498.850 фунти, или речиси 642.000 долари од руски бизнисмени и нивни соработници во периодот меѓу ноември 2018 година и минатиот месец.

Според пишувањата на „Бизнис инсајдер“, ова е значително зголемување во однос на минатата година, каде донациите биле помалку од 350.000 фунти.

Зголемувањето доаѓа и покрај тоа што имаше зголемен притисок врз партијата да ги прекине врските со руските олигарси уште од труењето на Сергеи и Јулиа Скрипал во Саилсбури минатата година.

Вестите доаѓаат во исто време кога главниот стратег на Џонсон, Доминик Камингс, е во центарот на вниманието на јавноста, откако „Сандеј тајмс“ пренесоа тврдења на свиркач дека постојат „сериозни грижи“ за времето кое го поминал во Русија во 1990-тите години.

Вечери и тениски мечеви со донаторите

Главните донатори на Конзервативната партија минатиот месец ги вклучува Лубов Чернукин, чиј сопруг Владимир, служеше како министер за финансии кај рускиот претседател Владимир Путин на почетокот на 21 век, велат од„OpenDemocracy“. Таа донирала 450.000 фунти. Во 2014 година, таа платила 160.000 фунти за една партија тенис со Џонсон и поранешниот премиер Дејвид Камерон, како и уште 30.000 фунти за вечера со сегашниот секретар за образование, Гевин Вилиамсон.

Чернукин претходно оваа година беше и на вечера со поранешната премиерка Тереза Меј и бројни женски членови на Кабинетот во тоа време, откако донираше 135.000 фунти на настан за собирање на средства на Конзервативната партија.

Компанијата за односи со јавност „New Century Media“ од Лондон, која има низа на врски со Русија, во мај оваа година им донирала 20.000 фунти на конзервативците. Според „Бизнис инсајдер“, оваа компанија исто така имала големо влијание за средбата на Васили Шестаков, партнерот на Путин за џудо, со Дејвид Камерон во 2014 година.

Други донатори се рускиот банкар Лев Микхеев и енергетскиот тајкун Александер Темерко.

Вчера, британската влада повторно одби да го објави извештајот за можното мешање на Русија во изборите во таа земја, со образложение дека на владата на Борис Џонсон ѝ треба уште време за да го разгледа документот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот