Средношколците против матура, бараат намалување на предметите и модифицирање на материјалот

Скопје, 16 јуни 2020 / Фото: Драган Митрески - Слободен печат

Државната матура е задолжителна и ќе се спроведе во законскиот рок ако ситуацијата со епидемијата остане како што е сега. Образовниот систем сега е безбеден, тоа го покажуваат и бројките кои постојано и транспарентно ги објавуваме и според кои нема трансмисија на вирусот во училиштата, рече вчера министерката за образование и наука Мила Царовска.

Во изјава за медиумите по посетата на ПОУ „Д-р Златан Сремец”, таа соопшти дека  во наставата со физичко присуствo има околу 70 ученици со вирус, или помалку од 0,06 проценти, и 160 наставници т.е. помалку од 1 процент и затоа, како што рече таа, со оваа динамика образозoвниот процес треба да продолжи и да тече, а истакна и дека според сите здравствени протоколи и заедно со учениците и наставниците, матурата ќе биде успешна.

Царовска: Матурата е верификација на знаењето

Покрај тоа што нагласи дека државна матура ќе има и оваа година, Царовска укажа и на нејзиното значење, односно какви придобивки имаат учениците со нејзиното полагање.

– Согласно законот, матурата е обврзувачка, затоа што на тој начин тие имаат стартна позиција да се запишат на факултет. Таа е одредено ниво на знаење и верификација на тоа знаење – изјави претходно Царовска.

Министерката потенцираше дека идните лидери во државата мораат да бидат квалитетни и дека матурата е многу значајна во тој процес.

Царовска: Матурата е обврзна и ќе се спроведе во законскиот рок

– Компромис со квалитетот не смее да се прави во држави кои се стремат кон европски критериуми и кои внимаваат дека нивните генерации, кои потоа треба да ја раководат државата, мора да имаат капацитет и потенцијал – рече Царовска, потсетувајќи дека матурантите треба да се пријават за државна матура до законскиот рок, 31 декемвери, и дека веќе се пријавуваат проектните задачи.

Средношколците и натаму бараат одложување на матурата

Сојузот на средношколци во земјава останува на барањето за укинување на државната матура за ова учебна година и покрај изјавата на министерката Мила Царовска во јавноста, вели Бленди Ходаи, лидерот на средношколскиот сојуз.

Средношколците уште од претходно во своите барања до МОН го поставија условот за укинување на државната матура за оваа учебна година поради актуелната состојба со ковид-19, а се чини дека не планираат да се откажат од таа намера ниту по негативниот одговор од МОН.

– Покрај тоа што го кажа министерката во јавноста, ние работиме на тоа да најдеме преседани на укинување на државната матура од други држави или институции (како International Baccalaureate – IB exams). Ако нема преседани, тогаш ќе доставиме нови барања за модифицирање на суштината на државната матура – вели Ходаи.

„Средношколски глас“ конта Царовска, не сакаат да полагаат матура среде корона

Таквите модификации би можеле да значат барање за намалување на бројот на предмети кои се полагаат, меѓутоа како што вели Ходаи, тие се уште не се формулирани до крај.

– Се уште ги дефинираме. Сепак дискусијата оди во однос на намалувањето на бројот на предметите што треба да се полага и модифицирање на материјалот. Кога ќе се дефинираат ќе имаме прес за медиумите – нагласи Ходаи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот