Средено чествувањето за Средниот век

Драги Ѓорѓиев и Ангел Димитров/ Фото: МИА

Презентирани препораките за заедничкото чествување

Политичарите размислуваат и функционираат со рокови затоа што сакаат резултати, но Мешовитата историска комисија за историски и образовни прашања не е обврзана дека мора да се договори за сите теми за кои македонската и бугарската историографија имаат несогласувања, потенцираше денеска копретседателот од македонска страна Драги Ѓоргиев, по презентацијата на досега договорените препораки за учебниците по историја за античкиот период и за заедничкото чествување на средновековните историски личности – Цар Самоил, Светите браќа Кирил и Методиј, Свети Климент Охридски и Свети Наум Охридски.

Комисијата на следните состаноци треба да го разгледува периодот од крајот на 19-тиот и почетокот на 20 век и да донесе препораки за учебниците и за заедничко чествување на револуционерите и настаните од тоа време, како Гоце Делчев, Илинденското востание, но, според Ѓоргиев, тоа може, ама и не мора да се случи.

„Не сме рекле дека мора да дојдеме до заеднички став и унисоно мислење. Тој период ќе биде несомнено тежок и мачен, дискусиите ќе траат и, ако најдеме решение, ќе го презентираме, ако не најдеме – нема решение. Не мора да значи дека оваа комисија мора по секоја цена да дојде до решенија за македонската и бугарската историографија. Ние бараме само решенија за презентирањето одредени личности во учебниците, ние не расправаме како историографијата гледа на тие личности и настани. Историографијата ќе продолжи да си работи. Комисијата не влијае врз истражувањата, врз пишувањата на историските книги, само ќе се фокусира да се надминат недоразбирањата во учебниците за да се релаксираат односите меѓу двете држави и двата народа“, рече вчера Ѓоргиев.

Владите може, ама не мора да ги усвојат препораките

Тој објасни дека се објавени препораките што Комисијата ги донела во 2019 година – пет препораки од македонската страна за бугарскиот учебник по историја за петто одделение и пет бугарски препораки за македонскиот учебник за шесто одделение.

„Тие препораки не допираат до идентитетските прашања, повеќе се за да се избегне митологизацијата на античкиот период во образовниот систем на двете страни и да се избегне денешната национална перспектива на национални држави врз периодот на антиката. Усвоени се по пет препораки за оние места каде што нашата страна сметаше дека треба да има подобрување во нивните учебници и обратно, главно, тоа се одредени структурално-лексички, фактографски грешки, грешки за историски и географски региони и сл. Во тие сегменти забележавме најмногу пропусти. Ова се препораки кои одат до Владата, која треба да ги усвои и да продолжат понатаму во процесот при пишувањето на идните учебници и при правењето на единиците на наставните програми. Претстои усвојување од Владата, тоа не е задолжително, тоа си е одлука на институцијата“, рече Ѓоргиев.

Тој дополни дека во учебниците се менуваат оние работи што можат да придонесат за нарушување на односите меѓу двете земји и кои можат кај младите генерации да предизвикаат тензии и омраза, што, како што рече, е задача на која било историска комисија што работи на ваква задача со учебници.
Препораките, пак, за заедничкото чествување на личностите од Средниот век се идентични и за македонската и за бугарската страна, и тоа се текстови со кои Комисијата им препорачува на двете влади на одредени годишнини и јубилеи да ги одбележуваат заедно. Ѓоргиев рече дека главните критериуми за Комисијата при составувањето на овие препораки се презентацијата на универзалните вредности на тие личности и нивниот придонес во развивањето на христијанската култура и традиција на овие простори и развојот на словенската писменост.

„Се трудевме текстовите да имаат поширок, регионален аспект. Сите тие можат да бидат дел од заедничко чествување, не само на Македонија и Бугарија, туку и ред други земји. Од тој аспект, Комисијата направи текстови што се прифатливи за двете страни и, ако се усвојат од Владата, ќе придонесат за подобрување на односите на двата народа“, рече Ѓоргиев.

Самата Комисија ќе одлучи со која брзина ќе одлучува

Министерството за надворешни работи, според билатералниот протокол од Втората меѓувладина комисија, на својата веб-страница ги објави досега усвоените препораки на Историската комисија, како и заклучоците од Првата меѓувладина комисија помеѓу Македонија и Бугарија од јуни 2019 година, потпишани од ексминистрите Никола Димитров и Екатерина Захариева. Во тие заклучоци е наведено дека двете страни ги прифаќаат препораките за петте средновековни личности и во најкус рок треба да ги усогласат датумите за заедничките одбележувања. Заклучено е и дека историската комисија треба „решително да ја забрза работата за значајни историски теми, како Гоце Делчев и Илинденското востание и други, настојувајќи да постигне реални резултати до крајот на 2019 година, вклучително и за учебниците“. Оваа препорака досега не е остварена, затоа што Комисијата не успеа да дојде до заеднички прифатлив опис и препораки за овој период.

„Препораките за Средниот век се усвоени во 2019 година, а владите решија денеска да ги објават, согласно Протоколот што е потпишан пред еден месец. За другите препораки на кои работиме останува да бидат завршени, па да бидат објавени“, рече Ѓоргиев.

„Во врска со заклучоците од вториот билатерален протокол што во јули во Софија го потпишаа министрите Бујар Османи и Теодора Генчовска, Ѓоргиев нагласи дека во него има охрабрување, но не стои императивно до кога треба да се затворат одредени прашања. Комисијата има своја динамика и начин на работа и додека не се согласат двете страни согласно академските принципи и најновите историски сознанија, тие нема да излезат со препораки.
– Го земаме предвид охрабрувањето, но динамиката ќе ја одредиме ние“, заклучи Ѓоргиев.

Кои се препораките

Во препораките, меѓу другото, се наведува: „Мисионерското дело на светите браќа Кирил и Методиј ги поставува основите на христијанската култура и духовност на словенските народи. Прифаќањето и ширењето на писменоста и преводите на богослужбените книги им овозможува на словенските народи да се запознаат со христијанското учење на разбирлив јазик. Делото на светите Кирил и Методиј е сочувано и развивано во книжевните центри Преслав и Охрид, кои тогаш се наоѓале на територијата на средновековната бугарска држава, каде што нивните ученици наоѓаат услови за работа. Тоа дава суштествена основа на современите држави Република Северна Македонија и Република Бугарија заеднички да го одбележуваат денот на светите Кирил и Методиј…“
За свети Климент се вели дека по Великоморавската мисија е прифатен во средновековната бугарска држава. „Околу 886 г. е испратен од кнез Борис-Михаил во областа Кутмичевица, каде што како просветител и творец ги положува основите на Охридската книжевна школа. Околу 893 год, по наредба на бугарскиот цар Симеон е ракоположен за Велички епископ. Неговата проповед и богослужба се од големо значење за распространувањето и утврдувањето на христијанската писменост и култура. Преку преводите на богослужбена литература и химнографските творби што ги создал, како и благодарение на неговата учителска дејност, се подготвени многубројни ученици. Тоа го прави една од најважните личности за културата на денешните Република Северна Македонија и Република Бугарија…“

За цар Самоил е наведено дека е „владетел на голема средновековна држава, којашто поголемиот дел од современата историска наука ја смета за Бугарско Царство, со центар во територијата на денешна Република Северна Македонија. Тоа опфаќа значителен дел од земјите и населението на Балканскиот Полуостров. Цар Самоил и неговата драматична судбина се симбол на заедничката историја, која се споделува од двете современи држави Република Северна Македонија и Република Бугарија. Заедничката комисија им предлага на двете влади, во духот на потпишаниот двостран Договор, одбележувањето на цар Самоил да биде знак на споделени вредности и вистинско добрососедство и пријателство.“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот