Среден прст за показалецот

Злате Лозановски
Злате Лозановски / Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески
Ако чекаме уште триесет години за гласачкото тело да им покаже среден прст (тој е на ред) на ваквите злоупотреби, тогаш и овие 11 милиони евра за набавка на апарат за отпечатоци од показалецот може да ги допишеме во долгиот список изборни кражби. Легални.

Не е ново средствата да ги прогласуваме за цели, маните за доблести, поразите како успеси. Напротив, продолжуваме да ја негуваме таа традиција. Можеби и оправдано: секој се фали со тоа што го има, сега и тука.

Негде помеѓу лошите вестите дека пожарите во Малешевијата сè уште беснеат, и тие од Тетовско дека заразата брзо се шири, стигна и една добра: завршена е работата со набавката на уредите за читање отпечатоци од прст (показалец), со чија помош ќе се спроведат локалните избори во октомври.

„Тоа е огромен чекор кон демократијата и ставање крај на злоупотребите, како што се семјно и групно гласање, а воедно ќе може да се утврди врз основа на базата на податоци, колку луѓе има во Македонија, без манипулација“, оцени лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, за кого набавката на фингерпринт-апаратите беше услов за неговата партија да учествува на изборите. Претходно, кога имаше некаква неизвесност дали ќе има време целата операција да заврши до октомври, сличен став искажа и претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски: „Би било срамно за една држава да не може да спроведе ваква новина, која гарантира поголема заштита на избирачкото право и ги елиминира можностите за нерегуларности на изборите“.

Се разбира, не се само тие двајца што го мислат тоа. Ама, ако го стават прстот на челото може да дојдат до заклучок дека е можеби сосема обратно: срамно е за една држава да спроведува ваква новина. Триесет години живот во демократија би требало да бидат доволни за да не мора на ваков начин да се брани принципот „еден човек, еден глас“. Погледнат од тој агол, фингерпринтот е многу поголем доказ дека не сме направиле ни чекор, камоли огромен, кон демократијата. Каков што беше и УВ-ламбата. Тоа е исто како да кажете дека апсењето десетина пиромани е голем чекор кон градењето свест за штетите од палењето шуми или дека забраната за одржување свадби во пандемија е мерка што ја засилува одговорноста на сватовите за здравјето. Тоа што човек ја менува старата со нова врата – армирана, со десет клуча и со уште толку тајни шифри – која и самиот тешко ќе ја отвори, и не е некој голем чекор кон подигање на степенот на чесност кај неговите сограѓани.

Веројатно не случајно Мицкоски е одушевен од набавката на уредите за читање отпечатоци. Има сосема доволно изборно искуство од сите партии општо и од неговата, посебно. На два прста од едната рака може да се набројат регуларно спроведените избори во десетгодишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ. Со фингерпринтот може да се спречи, на пример, истите човечиња натоварени во Пустец да гласаат сегде кај што ќе им кажат дека има кутија – од Пустец, преку Ресен до Скопје (еден од големите проекти на партијата што и гарантираше победа). Или дека сега навистина ќе престане да сообраќа бугарскиот воз, семејното гласање, уфрлањето ливчиња со глас на иселени, починати и слично. Констатацијата дека тоа не е малку, е во најмала рака – тажна. Зашто, фингерпринтот можеби е голем чекор против вулгарното крадење гласови и ливчиња, ама премногу мал, речиси никаков, кон градењето демократска свест и одговорност. Таков и ќе остане ако не ни дојде од прстот во главата дека кршењето на правата, главното нарушување на изборниот процес – значи тоа што навистина треба да се спречува – се случува многу пред гласачите да дојдат до прилика да го пружат палецот за УВ-ламба или сега показалецот за отпечаток. Дотогаш партиските апаратчици веќе им зеле мерка – со уцени, со ветувања, со закани, со давање поткуп, со продавање лажни надежи и со уште многу други манипулации. Што јавни, дозволени, што тајни, забранети.

Ако чекаме уште триесет години за гласачкото тело да им покаже среден прст (тој е на ред) на ваквите злоупотреби, тогаш и овие 11 милиони евра за набавка на апарат за отпечатоци од показалецот може да ги допишеме во долгиот список изборни кражби. Легални.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот