Средби на Пендаровски со истакнати поединци во Крива Паланка во рамки на проектот „Лице в лице со Претседателот”

Фото миа

 Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на проектот „Лице в лице со Претседателот”, вчера попладне во Крива Паланка се сретна со истакнати поединци коишто придонесуваат во локалната заедница. Неговиот Кабинет соопшти дека имал средби со Добри Јовевски, одделенски наставник  од основното училиште „Илинден”, и со примариус д-р Сретимир Николовски од Здравствениот дом во Крива Паланка.

На средбата со наставникот Јовевски  претседателот Пендаровски, како што информираше неговиот Кабинет, беше запознат со иновативниот пристап во неговата работа.

Јовевски како наставник работи 23 години. Преку интерактивен пристап и свој личен концепт  се труди да поттикне интерес и да ја разбуди љубопитноста кај учениците. Вели дека во спроведувањето на наставата акцент става на примената на технологијата која, според него, на учениците им дава можност да истражуваат. Наставата често ја изведувал и надвор од училницата, преку реализација на посети на општествени и културни знаменитости и институции. За својата работа, добил бројни признанија. Дел од неговите напори е и поголемото вклучување на ромската заедница во образовниот процес.

Во разговор со претседателот Пендаровски, Јовевски нагласи дека системот треба повеќе да ги препознава талентираните наставници и ученици.

– Навистина е штета што поради пандемијата на КОВИД-19 училниците се празни и го нема џагорот на учениците. Но, верувам дека со вашата иновативност ја правите интересна и онлајн-наставата, рече претседателот Пендаровски на средбата со одделенскиот наставник Јовевски.

Во Крива Паланка, претседателот Пендаровски се сретна и со примариус д-р Сретимир Николовски, кој веќе четири децении работи во Здравствениот дом во Крива Паланка.

За својата стручност и посветеност е носител на бројни признанија. Автор е на 46 научни трудови на повеќе од 20 конгреси од различни области на интерната медицина. Бил ангажиран и во Лекарската комора на Македонија и во Црвениот крст. Во 2019 година ја добил наградата „8 Октомври”, којашто, по повод празникот на градот, ја доделува општина Крива Паланка. 

Во разговор со д-р Николовски, претседателот Пендаровски, посочува неговиот Кабинет, беше запознат и со тековната работа на Здравствениот дом во Крива Паланка во контекст на справувањето со пандемијата од КОВИД-19.

– Преку „Лице в лице со Претседателот” претседателот Пендаровски остварува неформални средби со граѓаните коишто на различен начин придонесуваат во локалната заедница и во општеството во целост. Целта на проектот е ваквите поединци да станат повидливи, истакнувајќи го нивниот труд и несебичен влог во професијата, се наведува во соопштението од Кабинетот на претседателот Пендаровски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот