Средба Заев – Македонија 2025: Унапредување на соработката за странски инвестиции, образование и животна средина

Премиерот Зоран Заев се сретна со претставници на Одборот на директори на Македонија2025, Мајк Зафировски, Џон Битов, Вера Ставроф и со главната извршна директорка на организацијата, Никица Мојсоска Блажевски.

На средбата, како што соопшти владината Прес-служба, дијаспората ги поздравила храбрите чекори на премиерот Заев што ги отворија интеграциските процеси на нашата земја. Оценето е дека со тоа се отворени можности за поинтензивен економски развој, во што е изразен интерес поактивно да се вклучат и успешни личности во бизнисот од дијаспората.

На состанокот е соопштено дека дијаспората е заинтересирана да придонесе во тој процес со цел нови инвестиции во земјава, мотивирање млади луѓе да работат во и со нашата држава, ангажирање искусни експерти за области што се од значење на Република Македонија.

Конкретно е разговарано за унапредување на соработката со Македонија 2025 во четири клучни области: странски инвестиции и иновации, поддршка во образованието во делот на развивањето критичко мислење и мотивирање на активизмот на младите луѓе, околу создавањето добра бизнис клима за работа во нашата држава и придонес во делот на заштитата на животната средина.

Исто така, разговарано е и за можностите за вклучување на експерти од странство во областа на дигиталната технологија и обучувањето млади луѓе со дигитални вештини, што ќе им го олеснат вработувањето во државава и поврзувањето со светот.

Ова се дел од темите за што ќе се разговара и на Самитот на Македонија 2025 што се одржува во следните два дена во Скопје, а за коишто претставниците на организацијата добија поддршка од премиерот Зоран Заев да бидат активни и да се зајакне соработката, како со Владата така и со другите државни институции и со заинтересираниот приватен сектор во државава.

Македонија2025 е непрофитна и неполитичка организација со фокус кон економијата и поврзување со дијаспората, за учество во генерирањето можности и капацитети за економски раст на државава. скс

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот