Средба Заев – Дуџак: ОН ја продолжуваат поддршката на нашата држава

Претседателот на Владата Зоран Заев оствари средба со Росана Дуџак, постојана координаторка на ОН во земјава, на која е најавено дека продолжува поддршката од Обединетите нации на нашата држава во сите области од полза за граѓаните и државата.

Од владината прес-служба информираа дека на состанокот е разговарано за иницијативата на ОН, Фонд за мир, посветен на Западен Балкан, при што е изразена согласност дека земјава е пример за стабилност и дијалог.

– Се обрна внимание на реформите кон коишто е посветена држава во делот на менаџирањето со кризи и придонесот што може да го дадат ОН преку техничка поддршка и пренесување искуства во насока на што поголема ефикасност на системот за управување со кризи, посочија од владината прес-служба.

Имено, најавена е поддршка од ОН и во областа на здравството, како и во областа на животната средина и културата.

– Констатирано е дека Владата, на национално ниво покажува определеност кон активностите за заштита на Охридскиот регион, а премиерот Заев истакна дека наодите во нацрт извештајот на Реактивната мисија на УНЕСКО, за состојбата со природното и културното наследство во Охридскиот регион се еден од владините приоритети, наведоа од прес-службата на Влада.

На средбата, премиерот Заев нагласил дека продолжува – и со поголема посветеност, имплементацијата на документот „Рамка за соработка на одржлив развој на Обединетите нации” за периодот 2021-2025 година, што е стратешка програмска рамка за активностите на ОН во нашата држава, кон постигнување на Целите за одржлив развој и Агендата 2030 на ОН.

– Ги поддржуваме милениумските развојни цели и определени сме кон мир, заштита на човековите права, уште поголемо зајакнување на ефикасноста и одговорноста на институциите, рече премиерот Заев, кој се заблагодарил на генералниот секретар на ОН и на Организацијата на обединетите нации за поддршката на нашата земја, којашто стана членка на НАТО и очекува напредок во евроинтеграциите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот