Средба во Владата: Панаѓур на суети? Не баш!

денко малески
Професор Денко Малески, Фото: Слободен печат/Архива

Средбата на политичари од времето на првите години на независноста во Владата на РС Македонија ја доживеав сосема поинаку од еден мој некогашен студент, пристоен млад човек, кој на интернет-мрежите конференцијата ја нарече средба на ега за тоа кој колку сторил за Македонија. Како и многупати порано, забележувам дека интернет-комуникација, која е без соговорник од другата страна, лесно може и пристојни луѓе да направи цинични и непријатни. Проклета човечка природа, напишал стариот мајстор на политичката мисла, толку е брза да осуди, а толку е бавна да пофали. Денес, во ерата на интернетот, тоа проклетство добива застрашувачка моќ.

Гледајќи се со некогашните соработници или опоненти, забележав дека триесетте години изорале бразди на нашите лица, но и дека отсуствува некогашната суетност и арогантности. Луѓето не жалеа време да го сослушаат другиот, размислуваа кога зборуваа, умееја да упатат комплимент на друг и покажаа дека сегашноста им е најважна. Свесни за својата важна улога во минатото, свесни и за сопствените пропусти, беа фокусирани да ја направат исправната работа денес. Средба на ега, како што вели циничниот некогашниот студент, сега креатор на јавното мислење во невладина организација? Малку знае. Кога навистина би било „јас, па јас“, на конференција, свикана секој да потсети на почетоците од лично искуство, дебатата ќе беше многу поинаква. Најважната лекција од оваа средба на учесници во настаните од деведесеттите е дека дијалогот, а не ароганцијата, суетата и исклучивоста, е незаменлив демократски инструмент за мирно разгледување на конфликтите во едно општество, во потрага по решенија. Ех, да знаевме вака да се однесуваме пред 30 години.

Но тоа беа опасни и нервозни времиња. Излегувајќи, во доцните вечерни часови, од валканите тоалети на Собранието, наведнати над чешмите, ни се судрија и ни се разминаа погледите со Љубчо Георгиевски, дваесет и петгодишниот водач на македонските националисти. Жестоките зборови, упатени кон надворешната политика, претседателот Глигоров и мене лично, во говор што траеше повеќе од 40 минути, беше непремостлива бариера, макар и за пријателска насмевка на лицето, а не пак за разговор. Бевме во војна со зборови, но не знаевме дека причината за таа војна е стравот. Вистинската причина за војната меѓу Атина и Спарта, пишува мудриот грчки историчар Тукидид, е стравот. Стравот дека ако Спарта дозволи да се изгради планираниот голем ѕид околу Атина, ќе си обезбеди таква предност, со која ќе го порази противникот. Затоа, од страв, Спарта мораше да нападне.

Од што се плашевме ние тогаш? Јас се плашев од повторување на некои ужасни сценарија од Источна Европа по падот на комунизмот, сметајќи дека генерацијата на мојот татко тоа, сепак, не го заслужува. Директниот пренос од падот, ловот и егзекуцијата на Николае Чаушеску не ми излегуваше од глава. Се плашев дека младиот харизматичен водач може да ги поведе масите кон деструкција. Се плашев за судбината на партизанската генерација и за нивното дело. Имено, антикомунизмот, карактеристичен за македонскиот национализам од тие години, се закануваше, заедно со валканата вода, и бебето да го исфрли од легенот. Се слушаа заканувачки гласини дека на своја страна ја имаат Бугарија и дека се спремни од готово да направат национална вересија. Слушајќи за неговите стравови на конференцијата некни, разбирам дека тој, не без причина, се плашел од полициските структури на поранешната држава,  верувам дека мислел дека луѓе како мене се некаква експозитура на Србија со сомнителни пројугословенски ставови. Стравот беше тотално неоснован, зашто нашата прва лојалност секогаш беше Македонија, со таа разлика што националистите беа за уривање на Југославија, а луѓе како мене за редефинирање на односите помеѓу нејзините народи во насока на создавање асоцијација на суверени држави.

Сепак, тој ден, спокојството ми го нарушија вечерните вести. Жестокоста со која комуницираат власта и опозицијата денес не се разликува нималку од онаа од почетокот на независноста. Кој е стравот кај нив што ги прави толку воинствени, арогантни и исклучиви? Стравот лежи во отсуството на демократски правила на игра почитувани од сите, па политиката се претвора во гладијаторска борба. Неспособни да се обединат околу изградбата на ефикасни демократски институции што ќе ги штитат граѓаните од власта, партиските водства взаемно се закануваат дека ќе ги поапсат своите политички опоненти кога ќе дојдат на власт. Штета за народот и за државата. Толку многу може да се постигне низ разумен дијалог базиран врз принципите на демократијата. Два остри камена не мелат жито, вели народната.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот