Средба со Шејла Камериќ: Точките на заедништво се просторот во кој комуницираме

Фотографија: Маја Аргакијева

Во пријателска соработка помеѓу „Крик“ – фестивал за критичка култура и Фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“, за првпат во Скопје е претставен проект на меѓународно познатата уметница Шејла Камериќ.

Изложбата со наслов „Доаѓаме со поклон“ на Шејла Камериќ беше отворена на 27 септември во објектот Чифте амам при Националната галерија. Кураторка на изложбата е Наталија Пауниќ.

Мноштвото родови, политички, уметнички, естетски и социо-културни перспективи на уметницата се преплетени во нејзините досегашни дела. Претставените дела на Шејла Камериќ во Скопје го разгледуваат долгогодишното портретирање на жените како вештерки и/или предмети.

Алудирајќи на добро познатите тематски интереси на радикалниот феминизам, социјалистичкиот феминизам и постструктуралистичките гледишта, изложбата, исто така, има за цел да расветли обични, домашни и познати секојдневни елементи и да им даде нагласок на проблемите на кои обично не им се обрнува многу внимание.

– Насловот „Доаѓаме со поклон“ може да алудира на поклон – наклон, но и на поклон – подарок, а во суштина се однесува на позицијата на жената во патријархалното општество и на тоа што, на некој начин, жената во различни контексти се третира како случаен или намерен подарок. Иако тоа може да звучи и како нешто позитивно, но во суштина знаеме дека не е – објасни кураторката Наталија Пауниќ за „Културен печат“.

Шејла Камериќ во амбиентот на делото „Доаѓаме со поклон“ / Фотографија: Маја Аргакијева

Уметницата Шејла Камериќ (Сараево, 1976) живее и работи во Берлин, Истра и Сараево. Студирала на Уметничката академија во Сараево. Се занимава со теми што произлегуваат од нелинеарни историски наративи и лични приказни. Камериќ се фокусира на политиката на сеќавањето, облиците на отпор во човековиот живот и на особеностите со кои резултира борбата на жените.

– Процесот на создавање на делата кај мене тргнува од нешто многу интимно, што значи и локално, за потоа да се обидам да ги најдам општите карактеристики на делото што универзално нè поврзуваат сите нас. Се обидувам да ги најдам точките на совпаѓање на моето интимно со исто или слично кај некој друг, бидејќи тие точки на заедништво, или на заедничко искуство и емоции, се просторот во кој комуницираме и се поврзуваме меѓусебно. Инспирацијата за делата ја црпам од сето она што ме опкружува, но изборот паѓа на тоа што најмногу однатре ме погодува и ме условува како личност. Емпатијата е многу важна и мислам дека е многу важно да ги чувствуваме емотивните состојби на другите луѓе – изјави Шејла Камериќ за „Културен печат“.

Фрагмент од проектот „Мајката е кучка“/ Фотографија: Маја Аргакијева

Авторката Шејла Камериќ и кураторката Наталија Пауниќ соработуваат веќе две години и имале повеќе проекти. Фрагменти од нивниот проект „Мајката е кучка“, што бил претставен годинава во Белград, сега се претставени и во Скопје, а потоа планираат да го презентираат и пред светската јавност.

Наталија Пауниќ е кураторка на современа уметност и писателка од Белград, Србија. Дипломирала уметност на Голдсмитс, Универзитетот на Лондон, 2017, откако магистрирала на Архитектонскиот факултет на Универзитетот во Белград во 2015. Работи како директор во галеријата „Eugster II Belgrade“, а исто така води и номадски простор за проекти, наречен „Вождовачка галерија“, којашто оперира респонзивно на архитектурата на различни места.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 148, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 1-2 октомври 2022)

Видео на денот