Средба со актерката Матеа Јанковска од Театарот за деца и младинци: Мило ми е што работам со извонредни луѓе

Екипата на Театарот за деца и младинци со наградите од Нови Сад

Театарот за деца и младинци од Скопје во краток период за претставата „Роња, ќерката на ограбувачот“ доби значајни награди на два театарски фестивала во Србија.

Куклената претстава „Роња, ќерката на разбојникот“ на Театарот за деца и младинци (ТДМ) од Скопје освои две значајни награди на годинашното издание на интернационалните „Новосадски театарски игри“, кои се одржаа во Нови Сад во Србија.

Најновата претстава на скопскиот театар во режија на чешкиот режисер Јакуб Максимов ја доби највисоката награда Гран-при за најдобра претстава во целина, а жирито на фестивалот дополнително ѝ додели награда за „Мајсторство во анимацијата“ на актерката Матеа Јанковска за креацијата на улогата на Роња во истата претстава.

Уште две награди претставата освои и на фестивалот „Златна искра“ во Крагуевац, Србија, каде Матеа Јанковска доби награда за актерско остварување, а Лазар Новков за најдобра музика.

Талентираната актерка Матеа Јанковска сѐ уште ги средува импресиите од настапот на фестивалите и искрено им се радува на наградите.

Во краток период доби две награди за актерско остварување за претставата „Роња, ќерката на ограбувачот“. Награда доби и твојот матичен Театар за деца и младинци. Какво чувство кај актерите предизвикува признанието за нивната работа?

– Пресреќна сум! Сите ние вложивме многу во „Роња“ и многу ми е мило што целиот тој труд се вреднуваше и е награден. Јас сум горда што добивме толку награди, уште сум возбудена. Особено ме радува наградата за претставата, големото Гран-при. Најдобро е кога сите заедно ќе направиме успешна претстава која долго ќе се игра и ќе допре до публиката.

Актерката Матеа Јанковска во улогата на Роња

Претставата „Роња, ќерката на ограбувачот“ во ТДМ ја поставивте со драматургија и со режија на Јакуб Максимов, кој има специфичен стил на работа, а од актерите се бара тотален театар со играње, пеење, работа со кукли на сите што се вклучени во претставата. Каков предизвик од актерска страна е таквиот стил на работа?

– Пред сѐ, сакам да му се заблагодарам на Јакуб за довербата што ја имаше во сите нас и за трпението што го имаше со мене. Јакуб е генијален уметник и навистина научив многу од него и од целиот процес. Ова беше нешто сосема поинакво од сѐ што имам работено до сега, вистински предизвик и задоволство. Ваквиот стил на работа бара многу пот, креативност и синхронизираност помеѓу сите нас на сцената и оние што не се појавуваат на сцена, а се вклучени во претставата, што прави, како што велите, тотален театар.

Како се чувствуваш при работата на твојата матична сцена во Театарот за деца и младинци?

– Да бидам искрена, јас се чувствувам како дома. Ние работиме и се дружиме на сцената, но и надвор од неа. Во ТДМ има многу љубов. Многу ми е мило што работам со извонредни луѓе. За жал, ТДМ има огромен потенцијал, а мал простор. Ни треба поголема сцена и подобри услови за работа, за да го покажеме сето она што го поседуваме и можеме да ѝ го пренесеме на публиката.

Во театарот е особено битна тимската работа со колегите на сцена и со другите соработници во претставите. Каков заеднички дух е потребен за една претстава да доживее успех и пред децата и на фестивалите?

– Точно, театарот е тимска работа и затоа е потребна меѓусебна позитивна енергија. Тоа и публиката и жири-комисијата го чувствува и на крајот го наградува.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 180, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 27-28.5.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот