Средба Шахпаска-Вуцас: Австрија е силен поддржувач на политиките на Северна Македонија

Фото: МИА

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска оствари средба со амбасадорот на Република Австрија во Република Северна Македонија Георг Вуцас, на која уште еднаш беа истакнати пријателските односи што ги негуваат двете земји и долгогодишната поддршка на Република Австрија во многу проекти од областа на трудот и социјалната заштита, соопшти МТСП.

Министерката Шахпаска посочила дека работата во Министерството за труд и социјална политика е голем предизвик и во нормални околности, а уште поголем во време, кога, како што рекла, целиот свет е погоден од корона-кризата од која не е исклучок ниту нашата држава.

-Владата на Република Северна Македонија во време на пандемија предизвикана од коронавирусот воведе економски пакети за помош на граѓаните, стопанството, економијата. Зачувувањето на секое работно место и помош на најранливите категории на граѓани се наш приоритет и тоа го реализиравме токму преку мерките за помош во корона криза во изминатиот период. Во подготовка е и четврт пакет економски мерки кои се однесуваат на помош и поддршка на самохраните родители, пензионерите со ниски пензии и останати категории кои не беа опфатени со досегашните мерки, истакнала Шахпаска на средбата.

На средбата се разговарало за досегашната соработка помеѓу двете земји, потпишаниот Меморандум за соработка од областа на трудот и социјалната политика меѓу двете земји во 2014 година, а продолжен во 2019 година, кој меѓу другото вклучува размена на искуства од областа на трудот и социјалната политика, право на вработените од областа на безбедност и здравје при работа и трудовата инспекција, развој на социјалниот дијалог и други области.

Амбасадорот Вуцас нагласил дека од исклучително значење е двете држави да го продолжат Меморандумот за соработка и изразил надеж дека условите со светската пандемија ќе дозволат тоа, овој пат да се случи во Република Северна Македонија.

Како приоритети на кои ќе работи Министерството за труд и социјална политика во периодот кој следува Шахпаска ги посочила социјалната реформа и нејзината имплементација, децентрализацијата на социјалните услуги, деинституализацијата и новиот Закон за работни односи кој претставува втор стожерен закон кој ќе ги уредува прашањата во областа на трудот.

На денешната средба биле вклучени и претставници на СОС детското село, проект започнат 1997 година, а веќе од 2002 година започнат со згрижување на деца, како дел од меѓународната мрежа на СОС Детски Села Интернационал, присутна во 136 земји во светот е посветена на заштита и примена на детските права.

Амбасадорот Вуцас изразил задоволство од денешната средба со министерката Шахпаска во однос на успешно продолжување на започнатите проекти и во насока на идна и плодна соработка во областа на трудот и социјалните политики.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот