Премиерот Зоран Заев денеска се сретна со Јоханес Хајдекер, економски експерт од Германија, кој доаѓа на местото на досегашниот советник на владиниот кабинет, Валтер Дефа. Тој во наредните две години ќе биде редовно ангажиран во Владата и активно ќе работи со економскиот тим.
На состанокот, како што информираат од владината прес-служба, е поздравен фокусот на премиерот Заев и на Владата кон развој на економијата и разговарано е за натамошната имплементација на проектите што се работат заедно со Германското друштво за интернационална соработка.
Заеднички е констатирана важноста за креирање на одржливи развојни политики, со воспоставување на долгорочни и на среднорочни стратешки цели и навремено спроведување на стратешките инвестициски проекти. Во таа насока е разгледана важноста од воспоставување на Централен мониторинг, со цел следење на имплементацијата на проектите, се вели во владиното соопштение.
– Наша цел е раст на економскиот животен стандард на граѓаните и на тоа сме силно посветени и во овие услови на пандемијата, како земја која стана членка на НАТО и очекува исчекор во европските интеграции. Изразувам голема благодарност до Германија и граѓаните на земјата, за големата поддршка што ја даваат на Република Северна Македонија на политички и на економски план, истакнал премиерот Заев.
На состанокот е договорено соработката активно да продолжи со заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи.