Средба на владини со претставници на Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев заедно со вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев, директорите на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска, директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски и неговите советници за економски прашања, вчера попладне одржаа неколкучасовна средба со претставници на  Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство на кој отворија дискусија за поединечни предлози и решенија кои директно би помогнале за подобрување на условите за водење бизнис во државата.

Премиерот Заев ја поздрави иницијативата на претставниците на странските компании, истакнувајќи дека со дел од нив се среќава и во други прилики и истакна дека Владата е одлучна и посветена да го продолжи ваквиот начин на систематизиран пристап, којшто е од голема помош за изнаоѓање на флексибилни решенија и се изнесуваат можностите кои државата ги презема со цел да излезе во пресрет на компаниите.

„Од висок државен интерес е вашата успешност, вашата профитабилност, со што ги потврдувате нашите надежи дека ќе го проширувате производството и ќе продолжите да бидете и во иднина, најголемиот мотиватор за привлекување на странски инвестиции во државата“, рече премиерот Заев, подвлекувајќи дека успешните резултати на компаниите помагаат за зголемување на Бруто домашниот производ (БДП) и интересите се заеднички и со единствена цел уште поголемо подобрување на економските параметри и подигнување на животниот стандард на граѓаните.

Вицепремиерот Анѓушев истакна дека Владата останува отворена да ги слушне потребите на компаниите и дека ќе води постојан дијалог со сите компании, со странски, но и со домашен капитал, во интерес на економскиот развој на државата и подигнување на животниот стандард на граѓаните.

„За постигнување на повисоки стапки на економски раст, Владата е фокусирана на поддршка на индустријата, градежништвото, земјоделството и раст на трговијата како придружна гранка на претходните три. Со оглед на тоа што како држава не располагаме со природни ресурси како нафта и гас, а туризмот е гранка која има релативно ограничен потенцијал на раст, Владата е насочена на силна поддршка на индустријата и креирање на подобри услови за водење на бизнис во државата и преку креирање на квалитетна легислатива, но и со изградба на квалитетна инфраструктура”, потенцираше Анѓушев.

Како што нагласи претседателот на Асоцијацијата Виктор Мизо, компаниите кои работат во технолошко индустриските развојни зони и во индустриските зелени зони доставија барања и предлог решенија за подобрување на условите за водење бизнис во земјава, согласно истакнати реални предизвици со кои се соочуваат компаниите, а врз основа на позитивни деловни практики и компаративни искуства во областа, со кои сметаат дека нивната работа ќе биде поефикасна, а воедно ќе се поедностават одредени административни процедури.

„Посветеното работење на привлекувањето нови странски инвеститори и на одржувањето на контакти со постојните инвеститори, но и на поттикнувањето на домашните компании да се вклучат во синџирот на набавки на мултинационалните компании треба да продолжи и во иднина, верувајќи дека ваквите средби се добра можност за размена на мислења и ставови коишто ќе прераснат во платформа за постојан канал на комуникација со Владата и дека ќе се воспостави систем за одржување на редовни консултации на квартално ниво“ – посочи д-р Јелисавета Георгиева-Јовевска, потпретседател на Стопанската комора на Северна Македонија.

Претставниците на 24 компании, членки на Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство, кои присуствуваа на состанокот, изразија задоволство од условите за водење на бизнис и поддршката од страната на Владата и сите најавија дека согласно бизнис плановите, во периодот кој следи очекуваат зголемување на нивните приходи, проширување на производството и нови вработувања. Компаниите-членки на оваа Асоцијација кои се претставуваа поединечно, пред владиниот тим презентираа податоци дека во 2018 година вработуваат повеќе од 20 илјади работници со вкупно остварени годишни приходи од над 2,5 милијарди евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот