Средба на претседателот Џафери со папата Франциск и кардиналот Пјетро Паролин

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери, во рамки на традиционалната Mанифестација во чест на Св. Кирил, што се одржува по повод 24 мај, Денот на сесловенските просветители, браќата Кирил и Методиј, оствари средба со Папата Франциск и со државниот секретар на Светата Столица, кардиналот Пјетро Паролин во Светата Столица во Рим.

Претседателот Џафери, ја предводи делегацијата на Република Северна Македонија составена од Јован Митрески, координатор на пратеничката група на СДСМ, Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Ејуп Алими, координатор на пратеничката група на ДУИ, пратеничката Ирена Стефоска, претседател на Комисијата за култура во Собранието на Република Северна Македонија, Крсто Мукоски, претставник на независната пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ, Цветанка Иванова генерален секретар на Собранието на Република Северна Македонија, Кочо Анѓушев, заменик-претседател на Владата на Република Северна Македонија, Владимир Лазовски, заменик-министер за култура, Виктор Димовски, државен секретар во Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија, како и Даријан Сотировски, директор на Комисијата за односи со верски заедници.

На 50-годишнината од одржувањето на традиционалната Манифестација во чест на Св. Кирил, како и на 25-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу Република Северна Македонија и Светата Столица, претседателот Џафери имаше тет-а-тет средба со Папата Франциск, а потоа делегацијата беше примена на аудиенција кај Светиот Отец на Римокатоличката Црква во Ватикан.

На средбата, претседателот Џафери изрази задоволство што токму на вакви значајни јубилеи, билатералните односи помеѓу Република Северна Македонија и Светата Столица се интензивираат и се продлабочуваат.

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери, во името на сите граѓани, на папата Франциск му искажа искрена благодарност за неодамнешната историска посета на нашата земја, со што ни беше оддадено признание на светско ниво дека како држава сме на вистинскиот пат од кој не смееме да отстапиме.

„Република Северна Македонија и нејзините граѓани секогаш биле и се дел од европската цивилизација. Делото и наследството на Светите браќа Кирил и Методиј, или пак на Мајка Тереза или на Скендер бег не припаѓаат на една држава или на еден народ, туку се светска придобивка и симбол на истрајноста и хуманизмот. Тие по својата содржина се универзални, тие се дел од европската и светската цивилизација, а ние сме должни тие вредности да ги негуваме и надградуваме“, истакна претседателот на Собранието Џафери на средбата со Папата Франциск.

Папата Франциск изрази големо задоволство што има чест повторно да ја прими делегацијата на Република Северна Македонија, предводена од претседателот на Собранието Талат Џафери. Тој се заблагодари на нашата држава за неодамнешниот топол и искрен пречек и нагласи дека од Република Северна Македонија се вратил со преубави впечатоци.  Папата Франциск, како што рече, особено е трогнат од наклонетоста на младите луѓе во нашата земја кои што, иако се од различна религија и етничка припадност, градат соживот.

„Верувам во заедништвото на младите луѓе, а тоа го почувствував во вашата земја. Вашиот народ е порта за христијанството во Европа, што е од исклучително значење“, порача папата Франциск.

Претседателот Џафери и Папата Франциск, заеднички констатираа дека, Република Северна Македонија и во светски рамки станува пример за промоција на дијалогот, како инструмент за решавање на сите отворени прашања.

Во тој контекст папата Франциск во моментот кога на претседателот Талат Џафери му го предаде подарокот – скулптура која што го симболизира мирот, рече: „Пораката е да бидете посланици на мирот“.

На средбата со државниот секретар на Ватикан, Кардиналот Пјетро Паролин, особено внимание беше посветено на верските слободи, како дел од општите човекови права. Беше заклучено дека, во Република Северна Македонија, целосно се почитува правото на вероисповед, а со тоа и положбата на верските заедници. Светата столица особено го цени односот на државата кон Католичката црква.

Претседателот Џафери, на средбата искажа уверување, дека Република Северна Македонија ќе продолжи успешно да го чекори својот евроинтеграциски пат и дека за тоа очекуваме поддршка од Ватикан, во делот на промоцијата на нашата држава во европски и светски рамки.

Истовремено, беше нагласено дека и во наредниот период треба да продолжат и уште повеќе да се продлабочат билатералните односи помеѓу Република Северна Македонија и Светата Столица во сите општествени сфери, каде што е тоа потребно. Притоа беше истакната и досегашната соработка во областа на библиотекарството, реставрацијата и конзервацијата на материјали, како и во стручната помош за архивирање и зачувување на религиозни предмети.

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери, на папата Франциск му подари скулптура од основоположниците на словенската книжевност и писменост, светите браќа Кирил и Методиј, изработена од познатиот скулптор Томе Серафимовски, а инспирирана од споменикот на сесловенските просветители што се наоѓа во Охрид.

Папата Франциск на претседателот Џафери му подари скулптура на која има гулаб и маслинова гранка кои го симболизираат мирот.

Во рамките на Манифестацијата во чест на Св. Кирил, се одржа молебен во Базиликата Сан Клементе каде што се наоѓа гробот на Св. Кирил, на кој присуствуваа и претставници од делегацијата на Република Бугарија.

Исто така двете делегации заеднички ќе положат свежо цвеќе пред плочите поставени во чест на Св. Кирил, во Базиликата Санта Марија Маџоре.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот