Средба меѓу Заев и Хрисохоидис: Поддршка за аспирациите кон ЕУ и развој на соработката

Фото: mia.mk

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, придружуван од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски денеска се сретна со Михалис Хрисохоидис, министер за заштита на граѓаните на Хеленската Република.

На состанокот е заеднички констатирано дека е отворено ново поглавје во билатералните односи помеѓу Република Северна Македонија и Хеленската Република и оти во последниве две години соработка меѓу државите оди во нагорна линија.

– Оценето е дека се чувствува напредок во нашата држава, при што е посочено на придонесот на премиерот Заев во посочените развојни процеси. Во таа насока, пренесена е пораката дека Хеленската Република продолжува да ги поддржува аспирациите на нашата држава кон Европската унија, во рамки на важечките договори и добрососедските односи и дека има определеност Хеленската Република да има водечка улога на патот на земјава кон ЕУ. За таа цел, соопштено е дека има политичка поддршка, но и заинтересираност за техничка поддршка на тимовите од Северна Македонија коишто ќе работат на поглавјата во рамки на пристапниот процес кон ЕУ, соопштија од владината прес-служба.

Премиерот Заев посочил на придобивките од развојот на добрососедските односи помеѓу двете држави, како што е зголемениот интерес на грчки инвеститори во нашата држава, посебно во областа на енергетиката, како што е интересот за ХЕЦ Чебрен, за ТЕЦ Неготино, или обратно, вклучувањето на нашата држава со 10-процентно учество во стратешкиот проект за природен гас Александрополис.

– Граѓаните и компаниите веќе ги чувствуваат бенефитите од зајакнатата соработка по Договорот од Преспа, а пред нас е голем потенцијал за натамошно унапредување на односите, како на политичко ниво, така и на цивилно ниво, рекол премиерот Заев, се наведува во соопштението.

На состанокот биле нагласени заложбите за интензивирање на соработката помеѓу МВР и Министерството за цивилна заштита на Хеленската Република, преку денешната размената на планови и идеи, со цел заедничко дејствување во борбата против криминалот и корупцијата, нелегалната миграција, безбедноста на граѓаните. Било посочено и на посветеноста кон отворањето два гранични премина кај Преспа, Маркова Нога и Мајден. Како пример за меѓусебната доверба, стои во соопштението, била истакната и соработката насочена кон заштитата на интегритетот на воздушниот простор на земјите членки на НАТО и склучениот технички аранжман помеѓу министерствата за одбрана на двете држави.

На средбата било разговарано и за меѓусебната помош и поддршка во справувањето со последиците од пандемијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот