24.8 C
Скопје

Срце на терен

Срцето игра на спортскиот терен. Но за да служи, треба некогаш да се послуша и разумот!

Двајца млади ракометари за само неколку денови починаа во Македонија од неутврдени причини. Се претпоставува дека 20-годишниот младински репрезентативец Марко Божиновски, член на Бутел, добил срцев удар во сон. Безживотното тело на голманот на Охрид, пак, Никола Даниловски (26), беше пронајдено во Охридското Езеро без траги на насилство.

За жал, општеството кон спортската медицина инцидентно и спорадично се навраќа само по вакви лоши вести, иако лекарите специјалисти тврдат дека во земјава сѐ уште се присутни појавите какви што се нередовни прегледи на активните спортисти, нестручни лица во улога на спортски лекари, необезбедувањето лекар или амбулантно возило за време на натпревар, погрешно водење тренинг од необразовани тренери, форсирање од преамбициозни родители… Сето ова го зголемува ризикот од несакани последици и затоа е нужен системски пристап кон систематските прегледи. Пред неколку години беше направен исчекор со финансиското покривање на овој тип прегледи од Фондот за здравствено осигурување, откако беше утврдено дека само една четвртина од спортистите редовно одат на контрола. Дури и во развиени земји се случуваат вакви феномени поради заблудата дека на младите спортисти ретко им се случуваат инфаркти.

Поради овие состојби, државата треба да воспостави и механизми на поголема контрола во таа дејност. Долго ќе се памети случајот во кој физиотерапевт, без завршен медицински факултет, отворил козметички салон во кој ставал печати во легитимациите дека спортистите се здрави. Работата добро му тргнала, па отворил и втор салон, зашто имал договори со сериозни и богати клубови од Скопје, сѐ додека за случајот не се заинтересирал Здравствениот инспекторат.

Во услови на пандемија, во целиот свет, па и во нашата земја, сите други редовни здравствени контроли на населението паднаа во втор план, меѓу нив и прегледите по спортска медицина. Нормализирањето на епидемиолошката состојба во земјава овозможи спортските натпревари да продолжат со несмален интензитет, како порано, што ја наметнува обврската од Законот за спорт – да се проверува здравствена состојба на спортистите од специјалисти по спортска медицина на систематски прегледи, а во општините во кои нема специјалист, контролата треба да ја врши лекар по општа медицина или интернист. Дали и какви последици и врз спортскиот организам оставил евентуално прележаниот ковид-19, кој овие млади лица го поминале  „на нога“ и без симптоми, е веројатно еден од предизвиците на спортската медицина во светот воопшто за во иднина.

Спортот, како и секојдневниот живот, носи ризик – обичен вирус, преоптовареност, нагло слабеење (карактеристично за спортовите со тежински категории) и дехидратација, дури и удар во градниот кош во чувствителен момент од срцевиот ритмичен циклус, сето ова може да предизвика застој во работата на срцето. Случаите на т.н. ненадејна смрт од срцев удар се екстремно ретки, според истражувања на клиниката Мајо во САД – 1 на 50.000 спортисти. Умирањето на младите на и околу спортскиот терен најчесто се поврзува со вродени срцеви мани, кои тешко се откриваат со редовните медицински контроли. Сепак, стручњаците се поделени околу тоа дали прегледите по спортска медицина треба да бидат подетални (со стрес-тест, ЕКГ, ехо), со цел да се откријат високоризичните болести. Прашањето е можеби издржано за професионалните спортисти што се изложени на исклучителни напори. Овој вид скрининг е скап и може да создаде лажна претстава, односно индикации дека спортистот е болен и кога всушност не е, и да предизвика непотребна грижи, дополнителни тестови и трошоци. Целта на медицината е и да не се одвратат младите од спортување, кое е многукратно корисно за здравјето на човекот. Се разбира, во консултација и со семејниот лекар.

Спортистите се современи спартанци во арените. Напорот што денес го вложува врвниот атлет е многу поголем одошто во минатото. Со зголемува бројот на натпревари во една сезона, се интензивираат тренинзите, времето за одмор и за закрепнување се смалува, сѐ почесто се посегнува по недозволени стимулативни средства, успехот што се бара по секоја цена скапо се плаќа. Сведоци сме на сцени кога спортисти настапуваат и со повреди, ризикувајќи го своето здравје „на своја одговорност“. Каде е границата на тоа современо гладијаторство?

Срцето игра на спортскиот терен. Но за да служи, треба некогаш да се послуша и разумот!

Поврзани вести

Инфлацијата го јаде растот на платите

Ќе се градат нови и ќе се реконструираат старите патеки на Водно и на Матка

Елена Вељановска

ВИДЕО: Групата „Ван Гог“ прослави 35 години со нов спот за песната „Какво дивно вече“

Слободен печат

Дали вакцинираните со „Спутник“ ќе добијат трета доза?

Уценувани спортисти и полицајци чии интимни средби во мотел биле тајно снимани

Слободен печат

Заев: Ќе одам во Софија повторно и повторно и повторно…

Андреја Ристески

Остави Коментар