Србија во понижувачко друштво

Бошко Јакшиќ / Фото: МИА

Со најголем пад на слободите на Западен Балкан, Србија се најде заедно со авганистанските талибанци и со воената хунта на Мјанмар

Србија е потиштено општество, чии граѓани, распнати помеѓу апатијата и стравот, го посматраат светот околу себе како сѐ да му се случува на некој друг.

Секој што живее во Србија, а сочувал минимум објективност, не може да биде изненаден од најновото истражување на организацијата Фридом хаус: Од сите држави на Западен Балкан, Србија најмногу назадувала во областа на спроведување на демократски реформи, па според состојбата на демократијата се наоѓа помеѓу Авганистан и Мјанмар. Да се биде во друштво на талибанците и на воената хунта е повеќе од понижувачки за една европска земја.

Србија пред три години испадна од друштвото на демократски држави. Сега се води како делумно слободна, како хибриден режим во кој власта е втемелена на авторитаризам, како последица на нецелосни демократски промени. Се наоѓа на 16. место, меѓу земјите во кои е забележан драматичен пад на слободите во изминатите десет години, што прецизно се поклопува со периодот на владеење на Александар Вучиќ и на неговата Српска напредна партија.

Фридом хаус констатира дека во Србија низ децениите еродирале политичките права и граѓанските слободи, дека се засилени притисоците врз медиумите, опозицијата и невладините организации.

Одржани се повеќепартиски избори, што е последната фасада на демократијата, но и тие се далеку од стандардите на либералните демократии и поблиски се до изборните модели на Русија, Кина, Египет или Унгарија. Изборите ги карактеризираат заплашување на гласачите и нетранспарентно финансирање на кампањите. Опозициските политичари се жртви на дискредитирање на сите начини и сѐ почесто се субјекти на малтретирања и насилство.

Така Србија во споредба со минатата година изгубила 18 поени, а 2 благодарение на изборите во 2022 година, на кои власта ги злоупотребуваше медиумите под своја контрола и сите други јавни ресурси. Србија е парламентарна демократија, но владејачката Српска напредна партија константно ги еродирала политичките права и граѓанските слободи, ги притискала независните медиуми, политичката опозиција и организациите на граѓанското општество, сѐ во полза на коалицијата на власт и на култот на личноста на Вучиќ.

Многу јавни протести се задушени со ангажман на полицијата, приватните обезбедувања, навивачки и други паравоени десничарски групи. Прегазени се слободите на собирање и на јавен говор.

Пулсот на јавноста

Вучиќ во своето владеење цврсто се потпира на истражувањата на јавното мнение и секојдневно го мери пулсот на јавноста. За да обезбеди поддршка, неопходни му се граѓаните, кои го мислат она што тој сака да го мислат. Медиумите тука се клучниот инструмент.

Телевизиите со национална фреквенција се агитаторски платформи на политиката на Вучиќ. Спротивните ставови едвај имаат шанса да влезат во етерот. Се покажува дека повеќе од 60 отсто од граѓаните се информираат преку јавниот сервис, кој одамна престана да биде гласило на јавноста, која го плаќа, и се претвори во уште еден од мегафоните на власта. На истражувачките медиуми им се заканува, а огласувачите не сакаат да ризикуваат.

Во извештајот за Србија се наведува дека критичарите ги обвинуваат Вучиќ и СНС дека имаат врска со организираниот криминал и за кронизам – давањето зделки само на соработниците на претседателот и на владејачката партија. Истрагите за корупција ги водат неколку обвинители, кои најчесто тврдат дека полицијата нема доволно докази против министрите. Нападите врз етничките малцинства и врз ЛГБТ-заедницата, дискриминацијата на Ромите, говорот на омраза и понатаму се причини за загриженост.

За да биде сѐ уште понеповолно се погрижи и демократската Европска Унија, која добро знае каква е состојбата на работите во Србија. Кога ја гледа сета таа темница, што не го осветли некој овој осиромашен, осакатен, понижен, навреден и обесправен народ? Зошто симптоматично молчи под изговор дека не сака да се меша во „внатрешните работи“?

Демократскиот свет повремено испраќа критики преку извештаите на Европската комисија и, нешто почесто, преку Европскиот парламент и тоа е сѐ. Иако постојат механизми, во праксата нема соодветни притисоци, кои би можеле да бидат плодоносни. Тој молк е пасивно учество во недемократскиот потфат.

Вината врз гласникот

Војната во Украина отвора прилика Европа да се разбуди од својата погубна зачмаеност. Не се работи само за политиката за проширување, која за две децении од солунскиот самит направи да опаѓа ентузијазмот за членство меѓу кандидатите од Западен Балкан. Се работи за поенергично инсистирање на реформите, кои ќе создадат правни држави со јаки и независни институции, со почитување на сите слободи, за борба против корупцијата.

Вистина е дека извештаите на разни меѓународни организации за состојбата во Србија се сѐ понегативни и покритични, но годините на толеранција придонесоа тоа да не ја загрижува премногу власта во Белград. Извештаите најчесто и не допираат до јавноста.

Власта не сака да го слушне она што не е пријатно за нејзините уши, а ако се случи тоа, се користи изветвената флоскула дека е виновен гласникот. Белград особено се нервира од позитивното напредување на Косово, кое и понатаму е во категоријата делумно слободни, но во изминатата година напредуваше за четири поени, бидејќи не е забележано назадување во ниту една област што Фридом хаус ја користи како критериум.

Кога лани вашингтонската невладина организација го објави извештајот во кој исто така стои дека Србија најмногу назадувала, а Косово најмногу напредувало во регионот, Вучиќ омаловажувајќи коментираше: „Луѓе, па како ова да го пишувал некој ниж чиновник, неписмен од (опозициската) Мораме, а не некој сериозен, кој би морал со ова да се занимава професионално“.

Србија живее во Златната ера и секој ден во секој поглед сѐ повеќе напредува, е нарацијата што секојдневно се втиснува во главата на граѓаните. До кога?

(Авторот е новинар)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот