Србија веќе го одбра Западот, врските со Русија се сѐ послаби, вели американскиот амбасадор Хил

Кристофер Хил и Алескандар Вучиќ / Фото: МИА

Американскиот амбасадор во Србија, Кристофер Хил, вечерва оцени дека земјата веќе се определила за Западот и дека, како што наведе, врската на Србија со Русија „од ден на ден слабее“.

Хил посочи дека е важно Белград конструктивно да пристапи кон планот за европски договор со Приштина и дека тоа на крајот ќе влијае на брзината со која Србија се приближува кон Западот.

– Србија веќе одлучи да се сврти кон Запад и мислам дека на многу Срби им е фрустрирачко тоа што процесот трае толку долго, изјави Хил за „Н1“ и изрази надеж дека резултатот од конструктивното однесување на Белград ќе биде многу подобро и побрзо темпо на европска интеграција.

На прашањето зошто европскиот предлог е таен, тој рече дека тоа не би го нарекол тајна, туку нешто што спаѓа во „традиционалните дипломатски канали“.

„Ако се обидете да се справите со дипломатијата преку медиумите, ќе има многу недоразбирања“, рече тој и додаде дека затоа смета оти за таквите работи треба да се разговара исклучиво на маса.

На прашањето дали претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ќе ја премине границата кога би ја открил содржината на предлогот на претстојната собраниска седница, како што денеска се најавуваше, Хил одговори дека тоа е хипотетичко прашање, но дека за ова прашање секако е потребна голема расправа во парламентот.

„Сметам дека е соодветно планот да се расправа во парламентот, но оставам други да одлучат што треба да се открие, а што не“, рече амбасадорот.

Хил, како што наведува Н1, оценил и дека „Србија се држи до својата политика за санкции против Русија подолго отколку што руската армија го задржала Херсон“.

– Можете да видите како од ден на ден слабее прашањето за односите на Србија со Русија. Се гледа дека расте интересот за соработка со ЕУ и поголем интерес за соработка со нас – рече Хил.

Тој го повтори ставот на Вашингтон дека Србија треба да се приклучи кон санкциите против Русија и додаде дека не е точно оти Србија „не направила ништо“, бидејќи земјата ја осудува руската агресија врз Украина.

На прашањето дали позицијата на Белград во преговорите со Приштина е послаба бидејќи Србија не воведе санкции кон Русија, тој рече дека тоа го смета за посебно прашање.

На прашањето кој повеќе соработува, премиерот на Косово Албин Курти или претседателот Вучиќ, амбасадорот се насмеа.

„Ако мислев дека одговорот на тоа прашање ќе помогне во преговарачкиот процес, би го одговорил, но тоа ќе го оставам на вашата имагинација“, рече Хил.

Тој посочи и дека главното прашање за исполнување на Бриселскиот договор е формирањето на Заедницата на српските општини (ЗСО).

„Мислам дека има итна потреба сите да се согласат за тоа и да разберат дека штом ќе прифатиш нешто, треба да продолжиш“, рече Хил.

Тој не сакаше да ги коментира документите кои протекоа во медиумите, за кои се тврдеше дека се предлогот за решавање на спорот, но посочи дека ставот на меѓународните преговарачи е „многу добро пренесен и во Белград и во Приштина“.

Курти за притисоците од Западот: Не може да нѐ уценуваат, ќе се спротивставиме

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот