Србија се вади за киксот, Аргентинците бараат одмазда

fiba.basketball

Високиот пораз од Шпанија ја прати репрезентацијата на Србија по потешкиот пат до посакуваното финале и борба за титулата. Првата голема препрека за Србија е веќе денешната четвртфинална средба против Аргентина (13 ч.). Аргентинците се една од четирите репрезентации заедно со Шпанија, Австралија и САД кои имаат максимален учинок на Светското првенство во Кина.

Во четвртфиналната пресметка и двете репрезентации влегуваат со свои желби, Аргентинците бараат одмазда за поразот од СП 2002 година кога во финалето беа поразени токму од Србија, додека нивниот противник сака да покаже дека поразот од Шпанија беше само лош ден.  Аргентинците предводени од ветеранот Луис Скола играат фантастична кошарка, едноставна, брза со многу отворени шутеви кои им донесоа пет победи на Мундобаскетот.

– Сè уште ме боли поразот од Србија во финалето на СП во Индијанаполис. Имавме неверојатна генерација предводена од Ману Џинобили, Фабрисио Оберто, Андрес Ночиони но загубивме. И јас бев дел од тоа епско финале и сега сакам одмазда – вели ветеранот кај „гаучосите“, Луис Скола.

Од друга страна, Србија која пред стартот на СП беше прв фаворит за титулата поради отсуството на најголемите НБА ѕвезди кај САД, но во првиот вистински тест, со Шпанија, Србите потклекнаа.
Затоа тие планираат да се „вадат“ против Аргентина, бидејќи влогот е пласман во полуфиналето и место на Олимписките игри во Токио.

– Свесни сме дека влогот е преголем денеска но ние сме подготвени за предизвикот. Поразот од Шпанија иако е лоша вест, ни дојде како отрезнување, извлековме поуки и верувам дека против Аргентина ќе го видиме вистинското лице на Србија – вели селекторот Александар Ѓорѓевиќ.

Последниот дуел меѓу Србија и Аргентина на едно големо натпреварување се одигра на СП во Турција во 2010 година, кога Србите славеа во последното коло од групната фаза со 84-82 и го освоија првото место во групата.

Во второто четврфинале, Шпанија е огромен фаворит против најголемото изненадување на Мундобаскетот, Полска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот