Србија не попушта за хрватското евро со ликот на Никола Тесла: Тој е Србин, предлогот е непристоен!

Фото: 123rf/EPA-EFE

Влегувањето на Хрватска во Еврозоната нема да помине така лесно, со оглед на тоа што уште од најавата се појавија првите проблеми и тоа меѓу соседите, околу хрватското Евро.

Имено, по вчерашната најава на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ дека одлучиле на евромонетите, кои ќе имаат право да ги издаваат со мотиви по свој национален избор, да го стават Никола Тесла, големиот научник и пронаѓач со српско потекло, со реакција се јави Народната банка на Србија.

„Народната банка на Србија мисли дека евентуалното ставање на ликот на Никола Тесла на националната страна на евромонетите, ако Хрватска стане членка на Еврозоната во наредниот период, би претставувало присвојување на културното и научното наследство на српскиот народ со оглед на тоа што е неспорно дека славниот научник во текот на својот живот се изјаснуваше како Србин по потекло и род. Во врска со тоа, сосема е сигурно дека би се презеле соодветни активности кон надлежните институции на ЕУ за да се укаже на непримерен на таквиот предлог“, ја пренесува Телеграф изјавата од НБС.

Пленковиќ вчера нагласи дека идејата за Никола Тесла на евромонетите со мотиви од Хрватска, е предлог од граѓаните кои во голем број го поддржале ова идејно решение, отфрлајќи го на пример, мотивот од хрватскиот приморски бисер Дубровник по кој е далеку попрепознатлива Хрватска и историски и културолошки.

Пленковиќ објави дека шаховницата ќе биде подлога, а потоа картата на Хрватска ќе се најде на монетата од 2 евра, куната на 1 евро, Тесла на 50,20 и 10 центи, а глаголицата со која ќе пишува ХР на 5,2 и 1 цент.

-Тоа ни се важни симболи на сите нас. Тесла влезе како предлог на граѓаните, влезе во петторката и го истисна Дубровник, кој исто така е важен, рече хрватскиот премиер.

Останува да се види каков ќе биде натамошниот развој на спорот меѓу двете соседни земји околу Тесла, а плановите на Хрватска се да стане членка на Еврозоната на почетокот на 2023 година и до тогаш да ги исполни сите потребни кретериуми, најави уште во јуни хрватскиот премиерот Пленковиќ по серијата состаноци во Брисел.

Инаку, секоја членка на Еврозоната има право да дизајнира монети според националните призраци, согласно Уредбата на Советот на ЕУ за апоени и технички спецификации на еврокованиците наменети за оптек.

Сите евромонети имаат една заедничка (европска) страна која е иста на сите евромонети (аверс) и друга национална страна (реверс), која се разликува од земја до земја и која ги носи специфичните обележја на таа членка на ЕУ.

Сепак, на националната страна на евромонетите унифицирано е да стои кругот составен од 12 ѕвездички (симболот на ЕУ) кои целосно го опкружуваат националниот дизајн. Она што е внатре од ѕвездичките е самостојна одлука на секоја земја и се однесува на тоа што сака да го покаже.

Согласно европските регулативи, Советот на ЕУ е тој кој го одобрува дизајнот на националната страна на европаричката доколку се исполнети техничките услови и ако нема забелешки од другите земји-членки кои го користат еврото како заедничка валута.

Ако се појават забелешки (и тие се можни кога предложениот дизајн на националната страна на една држава може да предизвика неповолни реакции од граѓаните на друга земја-членка), Советот на ЕУ со квалификувано мнозинство ќе  одлучи дали го прифаќа или одбива барањето. Дополнително, споменатата регулатива се однесува на земјите кои ги исполниле условите за влез во еврозоната и дека Република Хрватска може да го стори тоа најрано во 2023 година, што е дискутабилно во овој момент.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот