Србија: Најавени нови состаноци на власта и опозицијата за изборите

EPA-EFE/KOCA SULEJMANOVIC

Фондот за отворено општество и Факултетот за политички науки (ФПН) во Белград најавија дека ќе продолжат да организираат состаноци на претставници на власта и опозицијата за изборите и дека темите на претстојните разговори ќе бидат финансирање на кампањата, пристап до медиумите, избирачкиот список и изборната администрација, како и обезбедувањето право на глас на сите граѓани.

Во изјавата, потпишана од извршниот директор на Фондот Отворено општество Милан Антонијевиќ и деканот на ФПН, Драган Симиќ, се наведува дека првата, воведна тркалезна маса, одржана вчера, на учесниците им понудила анализа на изборниот процес со проблеми кои треба да се решат, почитувајќи го принципот да изборниот процес не се менува во изборната година.

-Претставници на Центарот за истражување, транспарентност и одговорност (ЦРТА) и Центарот за слободни избори и демократија (ЦЕСИД) ги презентираа своите анализи и предложија серија прашања во изборниот процес кои можат да бидат решени или да се санираат на краток рок (до следните избори), како и проблемите кои налагаат големи системски интервенции и кои доаѓаат на дневен ред по одржување на следните избори , се наведува во соопштението.

Фондот отворено општество и ФПН во вторникот организираа состанок на владини и опозициски претставници на кој е започнат иницијативен дијалог за изборните прашања.

Во соопштението се додава дека на долг рок ваквиот дијалог може да придонесе за трајно отстранување на проблемите во изборниот систем преку сеопфатна реформа и воспоставување на неговиот интегритет.

-Ова ќе ја зајакне легитимноста на демократската власт и ќе ја зајакне довербата на граѓаните во институциите и демократскиот поредок, се додава во соопштението.

Тркалезните маси се замислени како модерирани дебати без присуство на медиумите, по примената на правилата за Четам хаус, според кои учесниците во дебатата нема да ја откријат на јавноста содржината на изјавите на другите учесници.

Во соопштението се додава дека на учество во дијалогот се повикани претставници на релевантни политички партии, граѓански организации вклучени во изборите и експерти од факултети и институти кои се занимаваат со темата.

Организаторот изјави дека ги поканил: Небојша Стефановиќ, Владимир Ѓукановиќ, Владимир Орлиќ и Владанка Маловиќ од Српската напредна партија, потоа претставниците на Партијата за слобода и правда Драган Ѓилас и Мариника Тепиќ, Зоран Лутовац од Демократската партија, Мирослав Алексиќ од Народната партија, Александар Ивановиќ од Социјалдемократската странка, Арис Мовсесијан од Новата партија и Небојша Зеловиќ од Заедно за Србија.

Исто така поканети се и Кенан Хајдаревиќ од Либерално-демократската партија, Петар Милетиќ од Движењето за слободни граѓани, Бранимир Јовановиќ и Јасмина Каранац од Социјалдемократската партија на Србија, Томислав Зигманов од Демократскиот сојуз на Хрватите во Војводина, Стефан Аксовиќ од Двери, Ахмедин Скриr и Мирза Хајдиновиќ од СДА и преставници на ФПН и невладини организации.

Премиерката Ана Брнабиќ, во врска со иницијативниот дијалог меѓу власта и опозицијата изјави за ТВ Прва дека не би сакала да биде на некој од идните состаноци на власта и опозицијата, но ако мора, ќе оди.

Запрашана да го коментира вчерашниот состанок на претставниците на власта и на опозицијата на ФПН зад затворени врати, Брнабиќ изјави дека според нејзиното мислење, таа средба не била особено важна или релевантна за 90 проценти од српските граѓани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот