Србија „на нож“ со Европа

epa06443464 Serbian President Aleksandar Vucic (R) consults with Prime Minister Ana Brnabic (L) during the press conference following the assassination of Oliver Ivanovic in Belgrade, Serbia, 16 January 2018. The former State Secretary for Kosovo and Metohija and a subject of a controversial war crimes trial and retrial, was shot dead in Mitrovica, Kosovo, 16 January 2018, according to media reports. EPA-EFE/ANDREJ CUKIC

На Црна Гора недамна ѝ стигна одговор од Венецијанската комисија по повод најавениот закон за државното обвинителство. На Србија нешто подоцна ѝ беше доставен извештајот на Европскиот парламент за напредокот на земјата на европскиот пат. Двете земји се кандидати за членство во Европската Унија, но по реакциите од Подгорица, односно Белград, тоа тешко би можело да се заклучи.

Премиерот Здравко Кривокапиќ веднаш соопшти дека Црна Гора мора го уважи ставот на ЕУ и да ги почитува меѓународните договори. Официјалните лица на Србија реагираа бесно, како што тоа веќе ѝ доликува на власта која не е спремна да слушне никаква критика, посебно не забелешки дека во поголем број на интеграциски сектори е констатиран недостаток на напредокот, додека во прашањата клучни за пристапување на Унијата е забележано назадување.

Европарламентарците очекуваат „поубедливи резултати“, а Александар Вучиќ им порачува дека се „изгубени во просторот и во времето“.

Од каде отворањето на фронтот со меѓународната заедница, на која Србија декларативно ѝ е посветена? Зошто претседателот на Србија се враќа во времињата на својот некогашен шеф Слободан Милошевиќ, кој на Западот му го покажуваше делот од дланката до лактот и извикуваше „мало морген“?

Арогантниот Вучиќ

Радикалниот степен на ароганција на Вучиќ во одговорот на Европскиот парламент (ЕП), пресметан е со „храброста“ што треба да ги воодушеви српските гласачи, но калкулацијата на претседателот на Србија се заснова на, по сè судејќи, веќе надмината премиса.

Толеранцијата на Европејците значајно придонесе Вучиќ во последната деценија да гради авторитарен систем кој нема никаква врска со правната држава, силни институции, човечки и медиумски слободи, но срамната западна епизода, која го овозможи цементирањето на авторитарната власт придружено со нов национализам, изгледа дека се приближува кон крајот.

Истекува времето во кое Белград без санкции сѐ повеќе се приближуваше кон Русија и Кина и се оддалечуваше од вредностите на либералната демократија, која претставува темел на обединетата Европа.

Новата американска администрација во фокусот на надворешната политика ги врати човековите права и демократија и во координација со европските партнери сериозно ќе се спротивстави на белосветските автократи на чија листа е претседателот на Србија.

Западот возвраќа сѐ почесто и појасно во пораките што на претседателот на Србија му предизвикуваат ноќни кошмари, бидејќи од оценката на Западот зависи дали ќе се отворат нови преговарачки поглавја и дали по новата методологија ќе има пристап до европските фондови.

Србија забрзано се приближува кон судбинската крстосница: или ќе ги прифати правилата на европскиот клуб на кој доброволно му се пријави или ќе отиде на Исток и ќе побара „алтернатива која Москва ја нуди со години?

Претставниците на власта се колнат во стратешката ориентација кон Запад, но симптоматично се почесто се слушаат и поинакви размислувања. Министерот за одбрана Александар Вулин извештајот на ЕП го нарекува „слика на лицемерието“ и предлага Србија да ја преиспита својата политика кон ЕУ!

Европскиот резервоар на трпеливост сериозно се намалува. Доколку не дојде до пресврт, Унијата би можела по десет години преговори едноставно да крене раце од Србија, а од Западот отфрлениот Вучиќ ќе мора да побара засолниште кај својот пријател во Кремљ – кој многу добро ќе знае да ги наплати сите години на српското геостратешко талкање и да го прифати лидерот на „напредњаците“ како заталкана, но добредојдена овца.

Во Белград гледаат „заговор“ од ЕП

Тоа што Србија минатата година не отвори ниту едно поглавје од преговорите очигледно дека во Белград е разбрано како дел од „заговор“, особено барањето на ЕП да се обелоденат четири големи афери кои ја потресуваат земјата во која официјалните лица продолжуваат да молчат, зајакнувајќи го чувството за неспремност да се истражи криминалот и корупцијата во државниот врв.

Односот кон Европскиот парламент одамна е префрлен на конфликтен колосек. Власта се обидува да сведе на осамени „србомрзачки гласови“ заборавајќи дека за изгласаната резолуција која ја критикува Србија, стојат повеќе од 500 пратеници. Празно звучат зборовите на српската премиерка која, како и останатите, речиси се вчудовиди кога слушна дека европските парламентарци се грижат за нападите кон медиумите и организациите на цивилното општество во Собранието.

– Навистина, некако, даваме сѐ од себе. Многу работевме – вели Ана Брнабиќ. Работеле, но не сработиле.

Претседателот е загубен во просторот и во времето

Иако извештајот на ЕП го фали „сериозното разбирање на дијалогот Белград и Приштина“, Вучиќ порачува дека „од инает“ ќе продолжи да ја делегитимизира косовската независност. Дали тој опеан инает е ново страдање во најава? На Вучиќ му се заканува кај Ангела Меркел да ја подели истата судбина што го погоди Борис Тадиќ.

Никој не знае што му е во главата на шефот на државата, кој еднаш го искажа својот фаворизиран план за решавање на косовскиот конфликт – корекција на границите, територијално разграничување, поделба, како и тоа да се нарекува – но оттогаш не знаеме дали има некој резервен план. Доколку „инаетот“ му е План Б, тогаш тешко на нас.

Унијата својата идна политика кон Србија ќе темели на база на извештаите на ЕП како и на извештаите на Европската комисија. Власта во Белград, неспремна на каква било критика го избира курсот на конфронтацијата. Сѐ подалеку од демократијата.

„Ништо не ми можат“, предизвикувачки, самоуверено, но и без основа им порачува Вучиќ на „несреќниците“ кои се повикуваат на извештајот на ЕП. Некој навистина е „загубен во просторот и во времето“, бидејќи ехото од зборовите на алтернативниот свет на Вучиќ, го враќаат во времето кога претставниците од Русија и Финска на Слободан Милошевиќ му го издиктираа текстот што ќе го означи крајот на неговото владеење.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот