Србија ќе биде принудена на санкции кон Русија? Вучиќ „не е воодушевен“, но најави промена на курсот

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска во парламентот изјави дека Белград можеби ќе мора да воведе санкции кон Русија, пренесува „Н1“.
– Не сум ентузијаст за тоа, но не знам колку долго ќе издржиме ако не воведеме санкции. Ние ја плаќаме цената што не ги воведовме, но тоа е прашање на политичка посветеност на нашето раководство – рекол Вучиќ.
Тој изјавил дека веднаш ставил до знаење дека ништо не му се допаѓа во предлогот на Европската унија поврзан со решението на косовскиот проблем.
-Ги претставив најлошите детали од договорот, за да укажам на тежината на ситуацијата, изјавил Вучиќ.
Неподносливата леснотија на неодговорноста го прогонува нашиот народ, рекол Вучиќ, истакнувајќи дека водењето на државата бара огромна одговорност.
Пратениците на српскиот парламент денеска започнаа нова вонредна седница на која претседателот на Србија Александар Вучиќ го презентираше Извештајот за преговарачкиот процес со Приштина.
Извештајот до пратениците формално го доставија Владата на Србија, Канцеларијата за Косово на српската влада, како и малку познатата Канцеларија за координативни прашања во преговарачкиот процес со институциите на самоуправа во Приштина.
По обраќањето на Вучиќ почна дискусијата. Во текот на попладневните часови се случи инцидент со туркање меѓу пратеници од власта и опозицијата кои се упатија кон местото каде што седеше Вучиќ.