Србија ја шокираше ЕУ

„Ова е најголемиот автогол што си го постигнала една земја со аспирации за влез во Европската Унија“.

Дипломатите и официјалните претставници на ЕУ кои го следат „досието Србија“ и нејзиниот пат во преговорите за членство во ЕУ беа буквално констернирани кога меѓу земјите -потписнички на декларацијата со која се поддржува политиката на Кина во Синџијанг, ја видоа и Србија, пренесуваат дипломатски извори на „Вијести“ од Брисел. Официјален Белград, заедно со Белорусија и Русија, е единствената европска земја што ја поддржува декларација упатена до Советот за човекови права при Обединетите Нации во Жeнева, со која флагрантното кршење на човековите и малцинските права на Ујгурите во провинцијата Синџијанг се дефинира како борба против тероризмот и против екстремистите кои ги загрозуваат човековите права.

„Ова е најголемиот автогол што си го постигнала една земја со аспирации за влез во Европската Унија. Тоа е просто неверојатен потег на Белград. Пред неколку месеци, Европскиот парламент ја усвои резолуцијата со која се отвори вратата за воведување санкции против кинеските функционери кои се одговорни за дискриминација на Ујгурите во Синџијанг. Дури и ние, кои со години го поддржуваме влезот на Србија во ЕУ, по овој чин останавме без зборови. Со потпишувањето на оваа декларација, Србија им даде оружје во рацете на сите противници на проширувањето на ЕУ и ни брцна во очите на сите нас кои работиме на тоа да ја доближиме до Европа“, рече висок дипломатски извор од една од клучните земји-членки за „Вијести“.

Нашите извори во европските институции не знаат дали е тоа одлука на Александар Вучиќ или своеволен потег на шефот на дипломатијата Ивица Дачиќ. Во секој случај, станува збор за најголемиот атентат врз европскиот пат на Србија. Поддршката на мерките кои ги спроведува Кина во Синџијанг против Ујгурите директно се коси со основните постулати на кои се темели ЕУ.

„Земја што ја поддржува кинеската политика во Синџијанг нема што да бара во ЕУ. Едно е да се прават деловни аранжмани и да се тргува со Кина, а сосема друго е да се усвои и поддржи кинескиот систем на вредности“, изјавија за „Вијести“ дипломати од три членки на ЕУ. Доволно е да се погледне друштвото во кое се најде Србија. Декларацијата што ја поднесе  Белорусија, покрај Србија, ја поддржаа и Русија, Кина, Саудиска Арабија, Северна Кореја, Иран, Пакистан, Куба, Сирија, Јемен, Обединетите Арапски Емирати, Египет, Палестина, Судан, Венецуела и околу триесет други земји од Африка и Азија.

Рафаел Глуксман, француски пратеник во Европскиот парламент и многу влијателен интелектуалец на Стариот континент, списокот на земји што ја потпишаа декларацијата го нарече „список на срамот“: „Спиосокот од 46 претставници на влади кои ставија потпис за поддршка на кинеската политика кон Ујгурите е список на срамот. Се разбира, срамот паѓа врз владите, а не врз граѓаните и народите што ги претставуваат. Имаме и 46 влади кои поддржуваат злосторства, имаме и други лидери, вклучително и наши, европски, кои молчат за тоа. Но имаме и граѓани на целата планета кои се мобилизираат да го пробијат ѕидот на молчење“, рече Глуксман.

Во декларацијата индиректно се обвинува ЕУ, САД и другите земји од слободниот свет за политизација на прашањата за човекови права и примената на двојни стандарди и го повикува Советот за човекови права на ООН прашањата за човековите права да ги третира објективно, транспарентно, конструктивно и без политизација. Од друга страна, се фали одлучната и ефективна политика на Кина во борбата за сузбивање на терористичките, екстремистичките и сепаратистичките активности, кои се дефинирани како најголема закана по човековите права.

Соговорниците на „Вијести“ во дипломатските кругови на земјите-членки на ЕУ не веруваат дека Србија ја потпишала Декларацијата заради поддршката на Кина околу прашањето за статусот на Косово. Според нив, би било навистина опасно за иднината на Србија доколку нејзиното политичко раководство верува дека Пекинг не го признава Косово поради пријателски односи со Србија. Проблемот е во прекумерната сервилност на властите во Белград кон глобалните и регионалните сили, која веќе се манифестира во бројни околности. Унгарија и Грција добија многу повеќе кинески инвестиции и заеми од Србија, а на Будимпешта и на Атина не им падна на памет да ја потпишат белоруската прокинеска декларација. Премиерот на Унгарија, Орбан, многу добро знае каде се границите, што не може да се толерира и за што не се гледа низ прсти.

Систематското кршење на човековите и малцинските права на Ујгурите во Кина достигна загрижувачки размери: стотици илјади Ујгури, туркиски народ од муслиманска вероисповед, завршија во комунистички логори каде што беа на т.н. превоспитување, по истата матрица по која Јосип Броз Тито на Голи Оток ги „превоспитуваше“ југословенските комунисти и противниците на неговата диктатура. Пекинг прво се обиде да го негира постоењето на „работни логори“, а кога се соочи со докази, тоа го оправда со борба против терористи и екстремисти.

Минатата недела големо внимание привлече извештајот на германскиот истражувач Адријан Зенз. Тој направи компаративна анализа на податоците за бројот на абортуси и стерилизации во Кина и во Синџијанг и откри дека Ујгурките се принудени масовно да се стерилизираат и да абортираат. Во случај да одбијат една од споменатите две мерки, ги затворат во т.н. „работни логори“. Занз ги поткрепува резултатите од неговата истрага со официјални податоци кои укажуваат на тоа дека природниот прираст на Ујгурите е помал од доминантната етничка група Хан во Кина. Занз кинеската политика во Синџијанг кон Ујгурите ја дефинира како „демографски геноцид“.

Овој потег на Белград не само што му наштети на угледот на Србија и фрли сенка врз нејзиниот европски пат, туку ги доведе во незгодна позиција и Србите во поранешните југословенски републики и на Косово, каде што се малцинство. Каков кредибилитет ќе има Белград во одбрана на малцинските и човековите права на Србите во Хрватска, БиХ, Црна Гора, Косово, ако поддржува систематското кршење на човековите и малцинските права на Ујгурите во Кина?

Потпишувањето на декларацијата на Советот за човекови права на ООН во Женева не е првиот голем гаф на српската дипломатија кога станува збор за човековите права, малцинствата или родовата рамноправност. Пред десетина години, кога претседател беше Борис Тадиќ, а  министер за надворешни работи Вук Јеремиќ, Србија гласаше против резолуцијата на државите од ЕУ во Обединетите Нации, со која се осудува Иран за употреба на тортура, вклучително и телесна казна (сечење раце), дискриминација врз жените и кршење на правата на малцинствата. Во тоа време, официјален Белград кревањето рака против принципите на хуманоста го правдаше со одбраната на Косово. Нема да биде изненадување ако сегашната влада го искористи истиот аргумент. Политиката на континуитет за одредени прашања објаснува зошто Србија е таму каде што е.

Список на земји што ја поддржаа Кина во својата политика кон ујгурите: Саудиска Арабија, Русија, Северна Кореја, Србија, Иран, Сирија, Бурма, Пакистан, Бахреин, Белорусија, Бурунди, Камбоџа, Камерун, Централна Африканска Република, Комори, Конго, Куба, Џибути, Египет, Екваторијална Гвинеја, Еритреја, Јемен, Гвинеја, Гвинеја Бисао, Ирак, Лаос, Лесото, Мозамбик, Непал, Никарагва, Нигер, Оман, Палестина, Папуа Нова Гвинеја, Филипини, Соломонски Острови, Јужен Судан, Шри Ланка, Судан, Суринам, Того, Обединети Арапски Емирати, Венецуела, Замбија, Зимбабве и Кина.

Извор: Вијести

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот