Србија и Северна Македонија во 2021 преку „Отворен Балкан“ и вакцинација до најдобри можни односи

ГП Табановце / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Србија во 2021 година покрај евроинтегративните процеси, дијалогот со Косово и реформите, на надворешно-политички план имаше напнати односи со Хрватска, БиХ, Црна Гора, Косово, а единствен сосед со кој односите се развиваа кон градење на најдобри можни односи, беа односите со Северна Македонија.

Три од повеќето дадени изјави на српскиот претседател Александар Вучиќ во текот на 2021 година ја посочуваат надворешната политика на Србија кон Северна Македонија.

– Разговаравме со Северна Македонија во рамките на т.н. мини Шенген. Ние можеме да бидеме среќни само ако и соседите се среќни и задоволни. Вакцините за Северна Македонија се пријателски и братски потег, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ на почетокот на јануари 2021 година, за во август да порача дека „Србија е подготвена да ги испрати своите хеликоптери за гаснење пожари доколку Скопје процени дека тоа е потребно”, што се предвидува и во рамките на иницијативата „Отворен Балкан”.

На крајот на годината тој порача дека „Србија е призната од Македонците како нација и земја која е најблиска до Северна Македонија и нивните граѓани и тој добрососедски однос мора да го градиме”.

– Ние го прифаќаме нивниот јазик, нивната нација. Им посакуваме сè најдобро, на Македонците, Албанците, Србите и на сите граѓани на Северна Македонија. Ние сме единствените што немаме никаков проблем со нив, додаде Вучиќ.

Поддршката дојде и по закочувањето и бугарските блокади на евроинтеграциските процеси на Северна Македонија, кога Вучиќ изјави дека Србија „е единствената земја од Западен Балкан на која нешто ѝ е отворено на меѓувладината конференција во Брисел”.

– На тоа ние не се радуваме, затоа што тоа би го сакале и за другите, особено за нашите пријатели од Северна Македонија, но од билатерални причини тоа не го направија, рече Вучиќ.

Добрососедските изјави и потези на српскиот претседател ги следеа и пораките и одлуките на српската Влада и медиумите, а сите нив ги обединуваа проблемите на двете земји со проширувањето на ЕУ со Западен Балкан и заемната иницијатива, која во Скопје лани на Самитот на Северна Македонија, Србија и Албанија т.н. мини Шенген го доби називот „Отворен Балкан“. А сето тоа базирано на она што претставува суштина на европските вредности и слободи – забрзување и олеснување на слободата на движење на луѓето и протокот на стоки, услуги и капитал, иницијатива поведена на 10 октомври 2019 година во Нови Сад од претседателот Вучиќ и премиерите Зоран Заев и Еди Рама.

Доколку се земат во предвид сите потпишани билатерални договори меѓу Србија и Северна Македонија од воспоставувањето на дипломатски односи во 1996 па до сега, само во 2021 година во рамките на „Отворен Балкан” двете држави имаат потпишано досега најмногу меѓусебни договори. На самитот во јули во Скопје -Договор за соработка во заштитата од катастрофи на Западен Балкан, Меморандум за разбирање за соработка во олеснување на увозот, извозот и движењето на стоки на Западен Балкан и Меморандум за разбирање за слободен пристап до пазарот на трудот на Западен Балкан.

Во декември лани во Тирана беа потпишани договорите за услови за слободен пристап на пазарот на трудот на Западен Балкан, како и Договорот за поврзување на шемите за електронска идентификација на граѓаните од регионот и Договорот за соработка во областа на ветеринарството, фитосанитарната и безбедноста на храната и животните.

На претходните состаноци на „Отворен Балкан”, во Скопје во јули минатата година и во ноември во Белград, беше објавено дека целта е од јануари 2023 година да се укинат границите за трите земји, кога станува збор за слободно движење на луѓе, стоки, капитал и услуги, како и од 2022 година да стапи во сила единствената работна дозвола.

Кога станува збор за формирање единствен пазар на трудот, договорот што треба да профунционира од 1 јануари 2022 година би значел дека работната дозвола издадена во која било од овие три земји ќе важи за сите членки на иницијативата – Србија, Северна Македонија и Албанија.

Билатерално лани е потпишан и Договорот за заемно признавање на одобрените овластени деловни субјекти за сигурност и безбедност, Договорот меѓу царините на Србија и на Северна Македонија, меѓу поштите на двете држави и неколку други.

Повеќето од овие договори беа усогласени на собирот во Ниш на 12 ноември, кога се собраа повеќе од 160 претставници на владите, државната администрација, институциите и стопанските комори на Србија, Северна Македонија и на Албанија, работен настан досега невиден во односите меѓу трите држави.

Државите од „Отворен Балкан“ во отворено писмо за Западен Балкан во ноември лани ги поканија другите земји од регионот да се приклучат кон иницијативата и посочија дека нивната визија е да се надминат социјалните, економските и трговските бариери што го забавуваат економскиот раст во целиот регион, со имплементација на четирите европски слободи.

– Оттогаш, систематски се среќававме и потпишувавме договори, кои им овозможуваат на нашите граѓани слободно да работат едни кај други, ги намаливме граничните контроли, кои ќе овозможат минување на стоки, речиси без одлагање, воспоставивме механизми за слободно патување на нашите граѓани меѓу нашите земји – како што граѓаните на ЕУ патуваат меѓу нивните земји. Нашата иницијатива, наречена „Отворен Балкан”, се покажа како ефикасна и корисна дури и во надминување на тешките времиња на пандемијата, се вели во писмото.

А придобивките од потпишаните договори на „Отворен Балкан“, според српскиот министер за земјоделство Бранислав Недимовиќ, се веќе видливи. Според него, лани извозот од Србија во Северна Македонија е зголемен за 15 отсто, а во Албанија за 19 отсто.

– Главната придобивка за земјоделството од потпишаните договори во рамките на иницијативата „Отворен Балкан” е што се усогласени лабораториските процедури меѓу Србија, Албанија и Северна Македонија и што повеќе нема чекање на границите поради фитосанитарна и ветеринарна контрола, истакна Недимовиќ.

Сето ова веќе почна и официјално да функционира на 3 јануари 2022 година, со почетокот на договорот за поедноставен транспорт на храна меѓу Србија, Северна Македонија и Албанија.

– Кога ќе тргне камион за Северна Македонија, ќе испратиме известување до Република Северна Македонија дека таков камион доаѓа кај нив, ќе оди директно на одредницата кај што треба да оди, таму ќе има контрола на документите, ќе ни биде признат нашиот сертификат во Република Северна Македонија и Албанија, како и нивните сертификати кај нас во Србија. Практично ништо нема да ја отежне процедурата за извоз на земјоделско-прехранбени производи во однос на регулативите на земјите. Ќе имаме доверба меѓу нас, изјави советникот на министерот за земјоделство Горан Ѓаковиќ.

– Во насока на олеснување на трговијата меѓу трите држави и олеснување на протокот на добра, меѓу Северна Македонија, Албанија и Србија, врз основа на Договорот, на граничните премини при увоз се врши само контрола на документацијата односно, идентификациски преглед на пратките, додека физичкиот преглед се врши на местото на истовар или на царински термнинал во внатрешноста, изјави за МИА директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Николче Бабовски.

Меѓу државите потписнички на Договорот разменети се мониторинг плановите за безбедност на храната и здравје на животните, кои се спроведуваат во секоја држава, со цел секоја од земјите потписнички да има увид за секоја држава во степенот на безбедност на храната и усогласеноста на националните законодавства со ЕУ легислативата во областите кои се предмет на Договорот.

Србија најави дека за шест месеци на граничниот премин Табановце/Прешево ќе се изгради посебна патна лента за непречен проток на стоки и луѓе, само за државјаните на Северна Македонија, Србија и на Албанија, а во изградба е и железничкиот „one stop” граничен режим. Српскиот министер за финансии Синиша Мали изјави дека според проценките на Светска банка, доколку сите овие мерки бидат спроведени на вистински начин, ќе има до седум отсто раст на бруто-домашниот производ (БДП) во целиот регион.

И донациите на вакцини од Србија, меѓу првите во светот, и можноста за вакцинација на македонските државјани од Суботица до Бујановац, како и давањето бустер доза во 2021 ги продлабочија односите на двете држави и меѓу двата народа, односи што отсекогаш беа заемно одлични.

– Покажавме дека сме солидарни во најтешките можни времиња, на Северна Македонија ѝ испративме 8.000 вакцини на „Фајзер” и 40 000 вакцини „Спутник В”, што е за 24 000 граѓани на Северна Македонија, изјави српската премерка Ана Брнабиќ во април минатата година, додавајќи дека ова нема никаква врска со политиката, но се надева дека ќе „нè зближи во иднина”.

Пред тоа, во март на Белградскиот саем, во Ниш, Врање и други градови можеа да се видат километарски колони на македонски граѓани, кои слободно и бесплатно ја примаа првата вакцина против короната, најмногу „Астра-Зенека”. Според српскиот министер за здравство Златибор Лончар, околу 15.000 македонски државјани тогаш се вакцинираа во Србија.

Само во Врање заклучно со ноември 2021 година се вакцинирани 13 657 Македонци, а ревакцинирани се вкупно 11 966 наши државјани.

Политичкиот импулс на Србија и Северна Македонија, претворен во економски интерес преку забрзување и олеснување на слободата на движење на луѓето и протокот на стоки, услуги и капитал, т. е. „Отворен Балкан” и масовната слободна вакцинација овозможија 2021 година долгогодишното пријателство на народите на двете држави да се преточи во реалност, да се надгради и да даде патоказ како натаму во 2022 година.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот