Србија и ЕИБ потпишаа грант од 175 милиони евра за брзата пруга Белград-Ниш

Србија воз/ Фото Jerome Cid / Alamy / Alamy / Profimedia

Владата на Србија и Европската инвестициска банка (ЕИБ) денеска потпишаа договор за грант од 175 милиони евра, што е втора транша од европскиот грант во вкупна вредност од 600 милиони евра за изградба на брза пруга од Белград до Ниш, соопшти ЕИБ.

Документот го потпишаа потпретседателката на ЕИБ Лилијана Павлова, министерот за градежништво Горан Весиќ и министерката за евроинтеграции Тања Мишчевиќ, како и генералниот директор на железничката инфраструктура на Србија Небојша Шурлан, во присуство на премиерката на Србија Ана Брнабиќ и шефот на делегацијата на ЕУ во Србија Емануел Жиофре, објави Политика рс.

Како што се наведува, само еден месец по потпишувањето на првиот грант, ЕИБ Глобал го потпиша вториот во вкупен износ од 174,6 милиони евра за делницата Параќин-Трупале-Меѓурово, во рамки на финансискиот пакет на ЕУ во вредност од 2,2 милијарди евра за делницата Белград-Ниш на Железнички коридор 10. Се потсетува дека овој проект е важен дел од Економскиот и инвестицискиот план и иницијативата Тим Европа. Пакетот вклучува и заем од ЕИБ во износ од 1,1 милијарда евра, како и заем од 550 милиони евра од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

Овие средства ќе го поддржат подобрувањето и модернизацијата на пругата долга 230 километри, овозможувајќи брзина до 200 километри на час меѓу Белград и Ниш, зголемен проток на стоки и економски раст на областите долж коридорот. За проектот ќе биде искористена техничката помош на ЕУ, за подготовка на документација во согласност со мерките и правилата за економска, еколошка и социјална заштита кои важат за јавните набавки во ЕУ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот