Србија ги игнорира предупредувањата од САД – Пристигнува ракетниот систем „Панцир С“

Русија во следните неколку месеци ќе го испорача на Србија ракетниот систем „Панцир С”, согласно потпишаниот договор, изјави денеска директорот на руската Агенција за увоз и извоз на одбранбени производи „Рособоронекспорт” Александар Михејев. Тој потенцираше дека сè се одвива според планот и нема да има одложувања.

– Ракетните системи се составуваат, а српски специјалци се на обука, изјави Михејев за руската агенција ТАСС.

Пред десетина дена, на воената вежба „Словенски штит 2019″ во Батајница беше прикажан овој ракетен систем. Тој беше донесен како придружен на ракетниот систем С-400. Српскиот министер за одбрана Александар Вулин вели дека ова оружје гарантира долготраен мир.

Но, специјалниот претставник на американскиот државен секретар за Западен Балкан Метју Палмер минатата недела ја пренесе загриженоста на САД поради присуството на воена опрема во Србија.

– Постои доза на загриженост поради распоредувањето руска воена опрема на територијата на Србија, но и поради можноста Србија да набави специфични руски системи. Тоа би довело до ризик да и се воведат специфични санкции поради купување руска воена опрема. Се надеваме дека нашите српски партнери се свесни за тоа, изјави Палмер во интервјуто за македонската телевизија Алсат М.

„Панцир С” е топовско-ракетен систем, кој обединува ракети земја-воздух, два топа со калибар 30 мм, набљудувачки и нишански радар, и електрооптички блок за надзор и управување со стрелба. Основна намена на системот е заштита на важни точки, како што се аеродроми, командни места, комуникациски центри и слично. Наменет е за одбрана од авиони, хеликоптери, крстосувачки ракети, беспилотни летала и наведувани бомби. Исто така, може да дејствува и против површински цели – тенкови, оклопни транспортери, борбени пешадиски возила.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот