Србија е на трето место во Европа според број на вакцинирани на милион жители

Фото: EPA, BIONTECH SE

Во Србија досега се вакцинирани 322.598 лица против коронавирус, јави дописникот на МИА од Белград.

Според тоа, Србија е на третото место во Европа според бројот на вакцинирани на милион жители, после Велика Британија и Малта, соопштија од српската влада.

Во регионот, Србија е прва според бројот на вакцинирани на милион жители, по што следуваат Романија и Словенија.

Во регионот во однос на вкупниот број вакцинации, Романија е на прво место со 528.378 вакцинирани граѓани.

Повеќе од 70 милиони луѓе во 65 земји примиле една од седумте вакцини за коронавирус што се користат, а Србија со 4,5 поделени дози на 100 жители е седма на генералната листа и втора меѓу европските земји.

На табелата, објавена од „Фајненшл тајмс” (ФТ), според бројот на вакцинирани убедливо прв е Израел со дадени 44,7 дози на вакцини на 100 жители.

По Израел, најмногу вакцини дадени се во Обединетите Арапски Емирати – 27,4 дози на 100 жители.

Според податоците на ФТ, следат Велика Британија со 11, Бахреин со 8,8, САД со 7,1 и Порторико со 5,9 дадени дози на вакцина на 100 жители.

Сличен процент на жителите како и Србија (4,5) вакцинирани се во Исланд (4,2) и Малта (4,2). Следат Данска (3,7), Ирска (2,9), Словенија (2,8), Шпанија и Романија со 2,7 дози вакцина на 100 жители.

Според табелата на ФТ во Италија вакцинирани се 2,5 отсто од населението, во Литванија 2,4 проценти, 2,3 отсто во Германија и Швајцарија и 2,2 проценти во Канада.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот