Србија добива нови ракетни ПВО системи? Српскиот амбасадор во Русија најави големо изненадување

Фото: Профимедиа/Принтскрин

Амбасадорот на Република Србија во Москва, Мирослав Лазански, зборувал за набавката на новите ПВО системи за потребите на војската на Србија и најавил „фантастично изненадување кое ќе се случи за три дена“, пренесуваат српските медиуми.

Лазански не сакал да открие дали се работи за системите Панцир, кои според неофицијални информации биле понудени по поволни услови.

– Во овој момент не можам да ви кажам за што конкретно се работи, но за неколку дена ќе доживеете едно прекрасно, фантастично изненадување – остана таинствен српскиот амбасадор во Русија.

Тој рекол дека за 2-3 дена се очекува и заедничка воена вежба на српските и руските војски, и повеќе пати повтори дека од позицијата амбасадор не може да  им даде повеќе информации на прашањата на љубопитните новинари.

– Повторувам, ве очекува прекрасно и фантастично изненадување – изјави Лазански, на тој начин ставајќи крај на разговорот на таа тема.

Српската војска има за цел сериозно да ги унапреди своите оперативни способности кога е во прашање заштитата на воздушниот простор од непријателските дејства, поточно за одбрана на териториите, населението, сопствените вооружени сили и инфраструктурата на земјата.

Во таа смисла, во склоп со можностите планирани се и сериозни вложувања во набавката на најсовремените средства за противвоздушна одбрана.

Според различни информации, српската војска покажала голем интерес за набавка на хибридни топовско-ракетни системи од краток домет „Pancir-S1“, што би требало да биде веќе завршена работа.

Понатаму, според и натаму неофицијални информации, кои своевремено се појавуваа и во медиумите, српската војска е заинтересирана за набавка на ракетни системи од среден домет на семејството Бук, како и универзалниот ПВО/ПРО систем С-300ВМ „Антеј-2500“, кој покрај аеродинамичките цели може да руши и балистички ракети.

Секако наместо него се споменува и најмоќната верзија на системот С-300 ПМУ-2, па дури и систем С-400 Триумф.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот