Србија – Црна Гора: Случајот на Светозар Маровиќ -Криминал во братска прегратка

The President of Serbia and Montenegro Svetozar Marovic (2nd L) waits to vote in a polling station for Montenegro's independence referendum in Budva, 21 May 2006. Europe may have newly independent state by midnight on Sunday if 55 percent of vote in Montenegro's referendum favours dissolving union with Serbia.,Image: 18321084, License: Rights-managed, Restrictions: , Model Release: no, Credit line: Ermal Meta / AFP / Profimedia

Светозар Маровиќ кон крајот на 2016 година се спогоди со Специјалното обвинителство во Подгорица, признавајќи дека е шеф на организирана криминална група која ја осиромашуваше Будва, за да ја сведе на феуд кој во јавноста е познат како – „Светозарево на море“. Набргу потоа замина за Белград и е недостапен за црногорската правда

Постојаните забелешки на критички настроената јавност во Црна Гора дека земјата е во челустите на увозничкото лоби и дека нејзините производи се ретки и неконкурентни на странските пазари, деновиве ја „здрма“ претседателот на Србија Александар Вучиќ. По апсењето на Вељко Беливук и неговата група, Вучиќ порача дека Црна Гора на српскиот пазар успешно пласирала макар еден производ – криминалните кланови.

„Главните водачи, каков што е Беливук, имаат свој газда кој се наоѓа на територијата на Црна Гора. Тоа се увезени убијци и криминалци, а потоа овде е создадена испостава која успеала да создаде војска без врховниот командант и неговиот заменик кои биле во друга земја.“

Оваа теза на Вучиќ ја разработи неговиот црногорски политички партнер, лидерот на Демократскиот фронт Андрија Мандиќ, кој тврди дека Беливук, за време на неговиот неодамнешен престој во Црна Гора, бил третиран како дипломат и дека за времето поминато во дружење со еден од наводните шефови на которскиот криминален клан Кавчани бил под заштита на Агенцијата за национална безбедност. Црногорската полиција и Обвинителството нудат поинаква верзија. Објаснуваат дека Беливук бил под надзор, како лице од безбедносен интерес, и дека како резултат на нивните напори кон крајот на јануари на аеродромот во Тиват била спречена негова ликвидација, кога под тоа обвинение се уапсени три лица.

„Светозарево на море“

Главниот црногорски специјален обвинител Миливој Катниќ, гостувајќи на црногорскиот јавен телевизиски сервис отиде чекор подалеку тврдејќи дека одредени безбедносни структури во Србија, без да прецизира на кого мисли, смислено го овозможиле доаѓањето на Беливук во Црна Гора. „Зошто дојде во Црна Гора? За овдека да биде убиен? Па, до кога мислат тие тоа така да го прават!?“

Црна Гора будва
Фото: Savo PRELEVIC / AFP / Profimedia

И додека трае препукувањето околу домашната адреса на организираниот криминал и на клановите чиешто настанување и опстојување би било невозможно без политичката и институционалната логистика на државите, кои ни по десетина жртви не им имаат влезено во трагата на покровителите на овие групи, еден шеф на организирана криминална група со години останува под радарот на огнените борци против криминалот во Подгорица и Белград. Адресата на Светозар Маровиќ, еден од творците и идеолозите на Демократската партија на социјалистите (ДПС) на Мило Ѓукановиќ, бившиот претседател на Црногорскиот парламент и претседател на државната заедница СЦГ, добро им е позната на властите во двете држави. Сепак, тој слободно си седи во Белград, а Србија не ѝ го испорачува на Црна Гора.

Да потсетиме, Светозар Маровиќ кон крајот на 2016 година се спогоди со Специјалното обвинителство во Подгорица, признавајќи дека е шеф на организирана криминална група која ја осиромашуваше Будва, за да ја сведе на феуд кој во јавноста е познат како – „Светозарево на море“. Се согласи да одлежи три години и девет месеци затвор, а и на општината Будва да ѝ врати 1.1 милиони евра колку што, според проценката на Обвинителството, наводно ставил в џеб, иако обвинителите неформално наведуваат дека штетата се мери во стотици милиони евра.

Само неколку дена откако беше пуштен од притвор, Маровиќ се прибра во Белград, каде што се наоѓа и ден-денес, избегнувајќи ја робијата и паричната казна. Врз основа на пресудата, од 2020 година се наплатени само шест илјади евра – со блокада на пензијата на Маровиќ. На парите што со злоупотреби ги трупаше за „црни денови“ никогаш не им се влезе во трага. Не се знае каде се ни 3.8 милиони долари кои, како што откри меѓународниот конзорциум на новинари ICIJ, едно време беа на швајцарските сметки на неговата сопруга Ѓурѓина.

Спогодба без притвор

Маровиќ замина за Белград, како што тврдеше неговиот адвокат, за да се лежи од депресија, а по него дури во 2017 година, под притисок на јавноста, беше распишана Интерполова потерница. Сомнежот дека приказната за депресијата и за состојбата со неговото ментално здравје е фарса конечно самиот ја расчисти кога, во очи на неодамнешните парламентарни избори во Црна Гора, преку телевизиски линк се вклучи на програмата која од Лондон ја организираше едно друго лице од меѓународните потерници – контроверзниот црногорски бизнисмен Душко Кнежевиќ.

Донеодамнешната црногорска власт со ДПС на Ѓукановиќ на чело, и покрај повремените формални обраќања до Белград, не се претргна својот поранешен висок партиски функционер да го стави зад решетки. Ниту, пак, тоа прашање, индикативно, во турбулентните односи меѓу Белград и Подгорица некогаш било високо на листата од приоритети. Иако црногорското Обвинителство Маровиќ си го закачи на „реверот“ како „црногорскиот Санадер“, сè што подоцна се случуваше ја подгрејуваше тезата дека Обвинителството, всушност, се пресметало со политичката и бизнис конкуренцијата на Ѓукановиќ и дека до таму застанало. И самиот Маровиќ во очајот пред апсењето наведуваше дека го принесуваат „на олтарот на евроатлантските интеграции“, сугерирајќи дека Обвинителството затвора очи пред сомнителните деловни активности на помоќниот партиски колега.

„Огромната пасивност на претходната влада кога се во прашање напорите Маровиќ да ѝ се испорача на Црна Гора остава многу мал простор за сомнеж дека ваквиот исход на постапката не бил однапред познат“, вели за „Недељник“ Дејан Миловац, шефот на истражувачкиот центар на невладината МАНС, која седум години пред конкретните обвинителски акции ја објави корупциската шема на Маровиќ и на неговите соработници.

На тоа во прилог одат и околностите под кои Маровиќ ја напушти Црна Гора, откако ја потпиша спогодбата за признавање на вината. Угледни правници во Црна Гора како спорно го наведуваат тоа што шефот на организирана криминална група воопшто останал на слобода. Да беше спогодбата со него потпишана додека тој уште бил во притвор, шефот на будванската криминална група само ќе беше спроведен во затвор да го отслужи преостанатиот дел од казната. Наместо тоа, го пуштија на слобода, а никој од надлежните обвинители не побара продолжување на притворот, ниту некоја друга конкретна мерка што ќе го оневозможеше да ја напушти црногорската територија и да стигне до Белград.

И новите како старите?

Ова, притиснат од јавните обвинувања дека му кумувал на бегството на Маровиќ, го призна претседателот на Вишиот суд во Подгорица, Борис Савиќ. „Никој не побара продолжување на притворот, а судот во таа фаза нема можност да го продолжи притворот без предлог на овластен обвинител.“

Така Маровиќ одлета низ ширум отворената врата од кафезот од страна на црногорските обвинители, кои никогаш ни дисциплински не одговараа за овој „пропуст“. Меѓутоа, Дејан Миловац од МАНС вели дека е загрижувачка пасивноста и на новата црногорска влада која во билатералните односи овој случај продолжува да го држи на маргините. „Тоа што тие до сега го направија не влева надеж дека нешто позначајно ќе се промени.“

Во црногорското Министерство за правда, кое по минатогодишните августовски избори го презема новата власт и министерот Владимир Лепосавиќ, возвраќаат дека работат сè што е во нивна моќ. Како одговор на прашањата на „Недељник“ потсетуваат дека кон крајот на ланскиот декември ја обновиле молбата за екстрадиција на Маровиќ на Црна Гора.

„Надлежните органи на Србија не одговорија на нашата молба. Оваа молба за екстрадиција се испраќа по втор пат, бидејќи претходната власт веќе испрати една таква молба и две ургенции. Црна Гора и Србија имаа меѓусебна билатерална спогодба за екстрадиција, а потписници се и на Европската конвенција за екстрадиција“, велат во својот допис.

Зошто молчи Министерството за правда на Србија, не е познато. Оттаму нема одговор дали постојат некои правни бариери за екстрадицијата на Маровиќ, дали можеби во меѓувреме се стекнал со српско државјанство, или се во право оние кои тврдат дека шефот на будванската организирана криминална група ужива политичка заштита од моќниците во Црна Гора и Србија. Тие дилеми не ги расчисти ни претседателот на Србија Александар Вучиќ кој уште минатиот октомври на подгоричката ТВ Вијести им вети одговор. „Ќе се заложам да го добиете, во писмена форма.“

Радомир Крачковиќ, уредникот на ТВ Вијести кој тогаш го интервјуираше Вучиќ, вели за „Недељник“ дека целата работа завршила на таа изјава на Вучиќ. „Никогаш не добивме одговор на трите дописи што потоа истовремено ги праќавме и на српското Министерство за правда и на кабинетот на претседателот Вучиќ.“

Едните божем, другите божем…

Во таа претстава – ние божем го бараме, вие божем не го давате – поминуваат години и наближува застарувањето на делото. Синот на Маровиќ, Милош, кој исто така се спогоди со обвинителите да одлежи една година затвор, веќе ја обесмисли тезата дека правдата е спора, но достижна. За делата што му се ставаа на товар апсолутната застареност настапи во септември минатата година, а радосната вест за тоа ја прими во Србија, чиј државјанин стана откако ја призна вината. Сè уште има време макар постариот Маровиќ да се испрати на отслужување на казната – во неговиот случај, апсолутната застареност настапува во 2026 година.

Дритан Абазовиќ, потпретседателот на црногорската влада задолжен за безбедност, за „Недељник“ вели дека Светозар Маровиќ е персонификација на власта на Ѓукановиќ која падна на изборите минатиот август. „Загрижен сум што од Белград нема одговор во врска со нашите ургенции. Ние сакаме конечно да се одредиме во однос на ова прашање што ја оптоварува меѓудржавната соработка на Србија и Црна Гора. Станува збор за човек кој е симбол за организираниот криминал и кој ја призна штетата нанесена на граѓаните, државата, буџетот.“

Вакцини против правда

Црногорскиот премиер Здравко Кривокапиќ неодамна на подгоричкиот аеродром, после повеќе „боцки“ разменети со српската власт, ја дочека српската колешка Ана Брнабиќ, која со себе донесе донација од 2.000 вакцини против короната. „Здравјето над сè, а солидарноста пред сè, тоа е пораката од денешниот настан“, пригодно се обрати Кривокапиќ, пред меѓу конституентите на новата црногорка власт да настане јагма по чија заслуга допатуваа првите вакцини во Црна Гора.

Солидарноста, секако, е важна, но за здравјето на идните односи меѓу двете држави би било закрепнувачки доколку на некоја идна линија Белград-Подгорица се најде човекот кој со години, од безбедна дистанца, им се подсмева на црногорските граѓани, без никакво ограничување трошејќи ги парите што, по сопственото признание, им ги украде од џеб.

Додека тоа не се случи, дури и убавиот пример за меѓусебна соработка ќе изгледа како политикантско шминкање на стварноста во која оние кои најмногу нè чинеа, уживаат највисок степен на заштита.

Преземено од „Недељник“ од Белград

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот