Срамота!

Џабир Дерала / Фото: СП. архива

Во емисијата на ТВ Алфа се гледа едно крајно арогантно, вулгарно и неодговорно однесување, отворена злоупотреба на функцијата и очигледно слугување на добро познатата агенда на криминално-политичкото подземје во нашата земја.

Изгледав дел од евтиното ТВ-шоу на квазиновинарот Момироски на „Алфа“, објавено на нивниот Јутјуб-канал на 25 март (насловот е нешто околу заспивањето). Искрено, изгледав, како што ми беше посочено, само неколку минути пред крајот на емисијата во која гостуваше Зоран Трајчевски, директорот на АВМУ. Патетично!  Во интерес на јавноста е да се реагира на безочни лаги, подли напади и дезинформации. Немам намера да тужам. Има ТВ Алфа доволно проблеми со законот поради начините на финансирање и со сите други аспекти на своето дејствување против македонските национални интереси кои имаат и импликации по државната безбедност.

Во емисијата се гледа едно крајно арогантно, вулгарно и неодговорно однесување, отворена злоупотреба на функцијата и очигледно слугување на добро познатата агенда на криминално-политичкото подземје во нашата земја. Трајчевски, директор на АВМУ, свесно ги прегази сите етички и професионални принципи. Без нималку достоинство, тој се впушти во едно неконтролирано редење лаги и конструкции кои немаат врска со реалноста и фактите. Како во најдобрите денови на режимот… Со индигнација ги отфрлам сите лаги и клевети што беа изречени од водителот, кој е и уредник во телевизијата и од директорот на АВМУ. Заслужува секаква осуда ваквиот начин на комуникација со јавноста од страна на директор на едно важно регулаторно тело во државата.

Според моето лично убедување, ова е неславен крај на една и онака не многу славна кариера. Разочарувачки е, иако не сум изненаден, тоа што толку приземно се злоупотреби функцијата и самата институција, АВМУ, за пресметка со мене. Да се разбереме, зад мене не стои институција која црпи милионски суми од буџетот на државата, не стои политичка партија, не стои телевизија со национална концесија која, впрочем, ја дава токму АВМУ. Јас сум автор, новинар, активист за човекови права. Толку ли може да ги боли вистината, па толкави ресурси, пари на граѓан(к)ите, злоупотребуваат за да ме замолчат? Толку ли боли вистината, па и сопственото достоинство и достоинството на функцијата во институцијата се фрла во калта, во обид со таа кал и мене да ме извалкаат? Навистина, разочарувачки. Вон контрола, сосема нечесно и во апашки стил, со ништо непредизвикан, без основа, без факти, а со подли клевети, го украде кредибилитетот на институцијата што ја води седум години и го фрли под нозете на пците на агитпропот на криминалниот режим во распад. Срамота! Ништо не го спасува директорот на АВМУ од мизеријата на заборавот, што и да направил, ако направил добро во животот.

По неколкуминутното гледање на емисијата во која Трајчевски и водителчето се „прославија“ со директен атак против мене лично и против една респектабилна организација за човекови права и слободи, не можев, а да не го помислам следново: „Така е тоа, кога ќе падне команда, нема простор за морални дилеми и преиспитувања, нема место ни за човечност, а не, пак, за срам. Нема избор. Ќе се пушти низ вода секој пион што е на располагање. Вемерето го искористи и овој лик, ‘наградувајќи’ го за слепото послушничко работење со еднократна, евтина и крајно антихеројска ролја. Би сакал да не сум во право, но знам многу работи за тоа како функционира овој лик во АВМУ и затоа сметам дека е потребно да го споделам тоа овде.“

Всушност, јас сум воодушевен и благодарен. Се нижат ликовите и емисиите на интернет медиуми и телевизии кои спаѓаат во категоријата која самиот Латас ја нарекува со познатата квалификација. И ја уверувам јавноста, и да имам пари, не би им ги дал за реклама на овие ликови кои се очигледно фрустрирани што, иако имаат милиони и функции, не можат да ѝ наштетат ни најмалку на една индивидуа без такви ресурси и позиции. Мора да вежбаат малку повеќе, или да ги вратат парите од каде што ги земале и да побараат друга работа. А директорот? Нему му истече мандатот. Веројатно, очекува мрсна (л)апанажа. Освен ако не им ставиме крај на привилегиите на функционерите за кои гласно говориме веќе долго време.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот