СРАМОТА! Наставниците од прв ден ги научија првачињата на поделби

Фото: Слободен печат/Ана Анастасовска

Во каква држава живееме, се покажа уште на стартот на новата учебна година. Поделеност на сите страни. Едни штрајкуваат, седат во наставничките канцеларии и не примаат ученици, други се умилкуваат, па пречекуваат првачиња. Не знам која е поентата на целиот штрајк.

Дали да се види кој од која страна е или пак да се издејствуваат повисоки плати за наставниците. Од она што денеска можеше да се види, очигледно целта била првото. Ако некој најавува штрајк на ниво на цела држава, зошто до тој штрајк не се придржувате сите? И после медиумите ви биле виновни. Неодамна добив критика од една наставничка дека нашата новинарка во анкета во која ги прашуваше граѓаните дали поддржуваат штрајк на наставниците, била пристрасна и навивала да нема штрајк.

Е па ете ви го штрајкот. Сега се уверивте ли дека медиумите не ви се виновни? Виновни сте си вие самите. Сите барате поголеми плати, ама сите немате храброст тоа јавно да го искажете. Друг да ви ја бие битката?! Е не може.

Каков пример им дадовте денеска на првачињата, на идните ученици, кои со возбуда го чекаа првиот училишен ден? Едни станаа првачиња, другите ќе почекаат до утре. На некои дури им беше кажано и дека нема да има свечен прием, па после два часа им се јавуваа на родителите да трчаат, се предомислиле. СРАМОТА!

Првиот училишен ден за едни почна, за други не. Другите останаа дома да спијат. Па од утре здравје, ако даде Господ, ќе тргнат на училиште.

Не е проблемот што вие драги наставници штрајкувате, секој има право на штрајк во демократска држава. Трагично е што сето тоа се прави врз грбот на децата. Што се манипулираат и се лажат едни невини души. Од мали нозе се учат на поделби и неправди. Ќе учат, па нема да учат, па одработувајте саботи, па продолжете школска година… За што? За вие да си ги измерите силите? Не е фер.

Оставете ги веќе еднаш децата надвор од политиката. Фатете се за работа и терајте си ја битката за повисоки плати. Јас ве поддржувам, а верувам и сите останати, но ние родителите и медиумите битката нема да ви ја водиме, а посебно не нашите деца.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот