Срамниот гест на госпоѓата министерка

Ненад Јовановиќ. / Фото: Архива

Неодговорноста, непрофесионалноста не смее да биде параван за одвратно политичко собирање политички поени и правење нечесна политичка кариера. Министерката Мизрахи заслужува „чист отказ“, а ова е најблагиот збор што во овој момент можам да го изговорам.

Што оваа недела научивме од „случајот Мизрахи“? Научивме дека секое насилство е организирано, дека секој вид насилство е иманентно политичко, дека секое насилство е пучистичко, а намерата на нејзините организатори е да се соберат сомнителни политички поени, а потоа и – само ако им се може – тиранија.

Се разбира, во името на некое свое „не го даваме името“, и во името на некои нивни „божемни вредности“, а сè со цел за наша „одбрана на идентитетот“, или „одбрана на светите традиционални вредности“. Таквите општи места на идните робови многу секси им звучи. Toa, почитуван(и) читател(и), се факти. Другото е обично малограѓанско офкање и себеоплакување. Другото не е во доменот од она што се нарекува „јавен интерес“.

Добро, но што всушност научивме „за нив“, а што научивме „за нас“? Најпрво, научивме дека не можете да злоупотребувате билатерален договор во кој се вклучени две влади, едната е наша, а другата комшиска, односно владата на Грција. И тоа е под број еден. Под број два, мора јасно да се покаже, а со тоа и недвосмислено: госпоѓата Мизрахи не може така неодговорно да се однесува кон Договорот од Преспа. Не кон името на државата, бидејќи темата никогаш и не била за името! Неодговорноста, непрофесионалноста не смее да биде параван за одвратно политичко собирање политички поени и правење нечесна политичка кариера. Министерката Мизрахи заслужува „чист отказ“, а ова е најблагиот збор што во овој момент можам да го изговорам.

Добро, а сега да се вратиме на самиот почеток. Министерката (која патем е „техничка“) многу убаво ни нацрта дека два-и-два-се-четири. Но тоа во политика најчесто е погрешниот резултат. А бидејќи резултатот е погрешен, на нејзиниот гест единствено се пофатија сурија од „патриотски“ билмези, продавачи на магла, а богами се пофатија и пучистички јатаци, па почнаа да ги трошат своите скромни ресурси на памет и елоквенција само за да докажат дека ништо не е онака како што е, напротив, сè е онака како што не е: сè што видовте не видовте и сè што слушнавте не слушнавте.

Имено, фашистичкото инаетење со таблата на името на државата во Министерството за труд и социјална политика системски се поистоветува (и така една квазианалогија се „поистоветува“) со граѓанските протести на Шарената револуција од 2016 година, особено со финалниот удар во април 2017 година. Но, работите стојат сосема обратно.

Шарената револуција беше мирен протест и ненасилство (и начелно), а тоа е одлика на сите протести, додека насилството беше на другата страна. Самиот 27 април 2017 година е обичен исклучок: на тој датум му претходеа системски насилства во низа, на тој датум му претходеа „легални избори“, кои Груевски секоја година одново и одново ги крадеше, така што ги изместуваше работите од правно-институционалните обрасци, извезувајќи перманентна состојба на пуч, станувајќи класичен узурпатор. Поради тоа, мораше да му се „припомогне“ да си замине, и тоа е сè. Што би значело дека тоа беше нужност за да се врати законскиот поредок.

Шарената револуција не беше разјарена линчувачка толпа, а Мизрахи и нејзините претпоставени се тоа. И тоа ништо не може да го изедначи. На тоа не можете да ставите знак на равенство. Освен ако не сакаме самите себе да се лоботомизираме. Значи, Шарената револуција беше реакција на беззаконието и беше против немањето демократски поредок. Имено, маршовите на шарените – му се допаѓало тоа некому или не – беше организирано според закон и со почитување на уставните права на граѓанките и граѓаните (одобрена и заштитена од тогашната „легитимна“ власт), и таквиот протест не беше насилнички кон кој било друг.

Ова нè носи до другиот демагошки пресврт на Мизрахи и нејзината „патриотска“ екипа: жртви на насилство не се жртвите, туку тие се вистинските насилници; тие го испровоцираа насилството, и тоа уште како, заради лоши, конспиративни мотиви – за да  ѝ наштетат на Северна Македонија. Сега некој со „три чисти“ во глава би рекол: добро, а зошто некој не ја исклучи Мизрахи, едноставно да ѝ даде отказ, па фино-лепо на мира да може да толкува и реконтекстуализира што направи со тоа што го направи?!

Начелно, а можеби и сосема конкретно, Оливер Спасовски ѝ даде „демарш“, но сепак, според мене, тоа и нема голема смисла. Оти, ако не е Мизрахи, ќе биде некој друг. А и тој некој друг, како и таа, ќе лупетаат и ќе чинат работи кои немаат многу смисла, а и самите се прилично свесни дека приказните со името се прилично глупави и штетни.

На крајот на краиштата, туку се наоѓа и механизмот на „сентиментализација на една перцепција на злосторството“: тоа се млади луѓе, сите тие и сакаат добро на земјата, само не знаат како. Зарем да ги казнуваме нашите млади патриоти, зарем да ја бркаме нашата „македонска памет“?

Граѓани, министри, па дури и една госпоѓа како Мизрахи се луѓе што дејствуваат во јавниот простор, а тоа значи дека не се деца, без разлика колку години имаат. На некој начин, тие би требало да се откажат од својот „детски“ статус во јавниот простор. Да не зборувам за тоа дека жртвите на организираното насилство со пучистичка поддршка не гледа дали некој е сентиментален, дали е дете, и дали има патриотски побуди. Неодговорноста во јавниот простор за луѓе што држат до себе и луѓе што го разбираат политичкиот контекст, а притоа ни се наметнуваат како важни луѓе во општеството, е комплетно навредливо.

И што да правиме сега? Па ништо особено, секој на својата работна задача. Државата мора да реагира одлучно, бидејќи секој фашист се прави дека не е фашист, а оние помеѓу ќе се прават будали. Освен Мизрахи, жена што има јасен идеолошки план. И ќе успее во него, само ако ние во тоа не ја спречиме. Брзо и одлучно. Што во превод би значело дека ова не се детски игри; бајките поминаа. Ова е реален живот. Или брзо и одлучно госпоѓата Мизрахи ќе се тргне од функцијата за која не е достојна да ја води, или некој друг брзо и одлучно ќе нè тргне нас од политичкиот и јавен живот. Можеби, сепак, два и два се четири!?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот