Срамен крај на одмаздничката војна

Бошко Јакшиќ / Фото: МИА

Времето и начинот на повлекувањето од Авганистан е голема морална дамка, која Бајден никако не сака да ја признае. Тој се држи до студени калкулации и не се осврнува на критичарите од светот, кои тврдат дека Американците предадоа и продадоа околу 88 илјади Авганистанци, кои соработуваа со коалициските војски.

Америка се враќа, гласеше предизборниот повик на Џо Бајден. Ништо од тоа. Америка се повлекува неспремна да признае дека пропадна уште проект на демократизација, дека ја изгуби војната и дека безобѕирно ги препушти своите сојузници на нивната несреќна судбина.

Најмоќната армија на светот ни по две децении не успеа да ги победи објективно инфериорните талибани, војната заврши на ист начин како што и започна. Грешка по грешка. Тоа е историјата на војувањето во Авганистан уште од времето кога Џорџ В. Буш изврши инвазија со која требаше да биде задоволена правдата поради терористичкиот напад на Америка, зад кој стоеше Ал каеда, која уживаше засолниште кај талибанците. Војната со време се промени во одмаздничка мисија, а Американците амбициозно ја ширеа листата на свои цели, ветувајќи стабилност, демократија и „градење на нација“.

Падот на Кабул

Најголемата и најсрамната грешка оставена е за самиот крај. Се покажа дека патот до пеколот е поплочен со добри намери. За да ја прекине најдолгата војна во американската историја, претседателот Бајден нареди извлекување на трупите од Авганистан до 31 август. Тој ја игнорираше ситуацијата на теренот. Не сакаше да ги слуша предупредувањата за тоа дека предвременото повлекување ќе ги врати талибанците на власт, во време кога тие тргнаа во својот молскавичен напад. Најголемите градови паѓаа како домино во нивните раце: Кандахар, Херат, Мазар-и-Шариф и Џалалабад.

Се изненади Бајден што регуларната војска на која Американците потрошија стотици милијарди долари за опрема и обука, се распадна и без борба им се предаваше на талибанците кои надираа од сите страни. Тоа што никој не покажа намера да се бори, индикативно покажува кого Авганистанците доживуваат како најголем непријател: талибанците или Американците, на кои не им простуваат што половина од 110 илјади жртви се цивили.

Блицкригот е завршен со спектакуларниот пад на Кабул. Нема повеќе преговори за процесот на политичка транзиција помеѓу Талибанците и режимот во Кабул, кој веќе не постои: проамериканскиот изум, претседателот Ашраф Гани, потврди уште еднаш дека не е способен ниту за мир, ниту за бојна. Тој и дел од владата веднаш избегаа од земјата.

Бајден беше изненаден и од тоа што талибанците во Кабул влегоа само два дена откако кажа дека падот на главниот град не е „неизбежен“. Се потпираше на разузнавачките кругови блиски на Белата куќа, кои проценуваа дека на талибанците ќе им бидат потребни најмалку три месеци да го освојат градот.

Мора Бајден во неверица да ги масираше очите, гледајќи како се спушта знамето на американската амбасада, додека дипломатите во паника ги уништуваат документите. Амбасадорот и персоналот итно со хеликоптери беа префрлени на безбедна локација во близина на кабулскиот аеродром, каде сцените на хаосот од Одеса во 1917 и Сајгон во 1975 година. Бајден на брзина ги врати маринците што претходно ги испрати дома, за да ја осигурат безбедната евакуација.

Претседателската одлука за повлекувањето на американските сили од Авганистан се покажа како катастрофална грешка, бидејќи на три недели пред повлекувањето, талибанците по две децении имаат полна контрола врз земјата. Ниту една воена цел не е остварена, доколку се одвои ликвидацијата на Осама бин Ладен(во Пакистан) во текот на мандатот на Барак Обама.

Стварноста го демантираше Бајден како Доналд Трамп и неговата наредба на Твитер за повлекувањето на војската од Сирија. Како и Обама, кој напушти Ирак оставајќи простор за ИСИС. Вештачките рокови на повлекување, кои ја игнорираат реалноста на теренот, создаваат вакуум и претставуваат повик за нови конфликти.

Времето и начинот на повлекувањето се морална дамка, која Бајден никако не сака да ја признае. Тој се држи до студени калкулации и не се осврнува на критичарите од светот кои тврдат дека Американците предадоа и продадоа околу 88 илјади Авганистанци, кои соработуваа со коалициските војски. Цинично звучат зборовите на државниот секретар Ентони Блинкен за „успехот“ на дводецениската кампања, чиј старт со недели го следев на северот од Пакистан.

Не е ова „најлошото можно сценарио“, вели американскиот советник за национална безбедност, Џејк Саливан. Не е за Бајден чија одлука за повлекување е популарна меѓу Американците, но е катастрофа за Авганистанците кои го поддржаа концептот „обнова на нацијата“. Себичната грижа за интересот на исклучиво неговите сонародници, го враќа Бајден на познатото мото на Трамп – „Америка на прво место“.

Гробница на империите

Едно е јасно, САД ја загубија потпората што сакаа да ја остварат во Централна Азија. Американците, како и Британците во 19 и Советите во 20 век, се воено поразени. Авганистан потврди дека е гробница на империјалните амбиции.

Американците повторно ќе интервенираат некаде. Можеби и во Авганистан, доколку талибанците го прекршат ветувањето дека нема да соработуваат со Ал каеда или ИСИС. Но, ќе им биде многу тешко да ги придобијат локалните сојузници, од преведувачи до мајстори, од новинари до активисти. Многумина по ова срамно, а можно е и трагично повлекување се прашуваат дали воопшто можат да се потпрат на Вашингтон.

Талибанците најавуваат дека новиот Исламски Емират нема да води премногу ригидна политика, каква беше пред војната интервенција, дека ќе ги почитуваат правата на жените, етничките малцинства, слободата на медиумите.

Допрва ќе треба да се види, дали е тоа обид за брза легитимизација на светска сцена. Војните не се паметат само по тоа што е разрушено, туку и по тоа што го создаваат, а најдолгата војна во американската историја ќе се памти по тоа што беше создадено во самиот финиш.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот