„Спортски психолог“ од Србија гостува по медиуми и тврди дека работи за ФК Барселона, таму велат: Не ја познаваме

Фото: ТВ „Прва“ / принтскрин

Саша Средановиќ, која се претставува како спортски психолог, изминатите месеци се стекна со голема популарност, гостувајќи во српските медиуми, каде зборува за спортот, спортистите и спортската психологија, а најмногу за себе. Таа вели дека работи за каталонскиот гигант Барселона, односно за неговата академија, прочуената Ла Масија. Но, проверката на тврдењата околу нејзината професионална биографија покажува дека Средановиќ никогаш не работела во Барселона, ниту во другите клубови со кои тврди дека соработувала, пишува веб-страницата „Фејк њуз трагач“, која се занимава со проверка на вистинитоста на наводите изречени во медиумите.

Истражувачите испратиле прашања до сите клубови за кои Средановиќ тврди дека работела: Олимпија Љубљана, Атлетик Билбао, Бетис и Барселона, а сите одговориле дека не ја познаваат жената и дека таа никогаш не работела за нив. Саша Средановиќ тврди дека завршила специјалистички студии по спортска психологија на Универзитетот во Мастрихт, а на овој универзитет не постои таква катедра. Обидувајќи се да стапат во контакт со Средановиќ за да ја слушнат нејзината страна од приказната, новинарите прво наишле на закани од нејзината ПР-менаџерка, за потоа да им пристигне „опомена пред тужба“ од лажно адвокатско друштво.

Веста за наводното ангажирање на Средановиќ од страна на Барселона (во која таа тврди дека Чави ја довел во клубот зашто бил импресиониран од нејзината работа), лани во мај ја пренесоа и сите регионални медиуми.

Во своите настапи на српските телевизии и во медиумите, Средановиќ наведува дека студирала во Холандија, дека зборува седум јазици и оти во моментов работи за ФК Барселона, како спортски психолог за целиот тим, но клубот ја профилирал како психолог задолжен за напаѓачите во тимот.

Таа наведува дека првично работела за помали клубови во Холандија, Германија, Швајцарија, а потоа дошла во Олимпија од Љубљана. Потоа, вели таа, отишла во Шпанија, каде што работела за Атлетик Билбао, па за Реал Бетис, од каде направила трансфер во големата Барселона, односно во нејзината академија, Ла Масија. На својот профил на Инстаграм, Средановиќ се потпишува како „Head Sport psihologyist”.

Профилот на Средановиќ на Инстаграм е полн со очигледно монтирани фотографии од нејзе и симболите на ФК Барселона, а на некои од нив е и со легендата на Каталонците, Чави

Меѓу фотографиите е и една на која изгледа дека Средановиќ држи некакво предавање, со цитат од нејзината „експертиза“:

Фото: Саша Средановиќ / Инстаграм

Средановиќ во своите настапи често зборува за наводната тесна соработка тренерите и фудбалските ѕвезди на Барселона – вели дека лично била одговорна за тоа што Ињаки Вилијамс е префрлен од шпицот на нападот на крилна позиција, како и дека редовно пиела кафе со Хоакин Санчез, со кого вели дека се толку блиски, што „тој нејзе ѝ е психолог“. Во едно интервју, Средановиќ дури кажа и дека тренерот и легенда на Барселона, Чави, го задевал полскиот напаѓач Роберт Левандовски, велејќи му дека во Полска повеќе пишувале за тоа дека Саша Средановиќ ќе дојде во Барселона, отколку за неговото доаѓање.

Жената вели дека со оваа работа се занимава веќе 15 години, но нејзината биографија е преполна со дупки и лажни податоци, пишува „Фејк њуз трагач“. Сите четири клубови за кои тврди дека работела, велат дека не ја познаваат.

Од Олимпија Љубљана велат дека лице со такво име никогаш не потпишало каков било договор со клубот. Атлетик Билбао одговорил дека по истрагата меѓу стручњаците од медицинскиот оддел на клубот, никој од нив не можел да се сети дека работел со жена по име Саша Средановиќ. Сличен одговор испратиле и од Реал Бетис, како и од Барселона: „Никој со ова име не работи во Ла Масија“. Новинарите испратиле и линк до инстаграм-профилот на Средановиќ, на кој има фотографии со кои таа алудира дека работи за Барселона, но одговорот пак бил ист: Не, таа жена не работи во Ла Масија.

На профилот на „Линкдин“ на Средановиќ пишува дека таа дипломирала на „Мастрихтскиот универзитет за клиничка психологија“, но таква институција не постои. На Универзитетот во Мастрихт се нудат само основни студии по психологија, на англиски и холандски јазик. „Трагач“ испратил барање и до професорот Гил тен Хор, координаторот на единствениот предмет посветен на спортската психологија на Универзитетот во Мастрихт, а тој потврдил дека специјализацијата што ја наведува Средановиќ не постои.

Обидот на новинарите да стигнат до изјава од Средановиќ околу овие тврдења завршил со расправија со нејзината ПР-менаџерка, која се претставила како Сека Средановиќ. Таа најпрво рекла дека „Саша е зафатена и во проблеми“, за потоа да тврди дека таа според договорот не смее да дава изјави, а на екипата на „Трагач“ ѝ се заканила да не објавува ништо.

Ден подоцна, во редакцијата пристигнало писмо од извесна „Адвокатска канцеларија Зејаковиќ“, на кое е испечатено и логото на Адвокатската комора на Србија. Проверката на новинарите открила дека таква канцеларија не постои на наведената адреса. Од Адвокатската комора потврдиле дека „адвокатот Зејаковиќ“ е измислен и најавиле тужба за лажно претставување и злоупотреба на логото на Комората.

Видео на денот