ШТИПЈАНЕЦОТ ШЕКУЛАРАЦ: Малата чигра во дресот на Брегалница

Кога доаѓаше преку летото на школски одмор во Штип, ги собираше маалските деца и им покажуваше ќерефеци дотогаш невидени. Топката го „слушаше“ а ние се воодушевувавме. Гледајќи го, си велевме: вистински магионичар.

293

Кога доаѓаше преку летото на школски одмор во Штип, ги собираше маалските деца и им покажуваше ќерефеци дотогаш невидени. Топката го „слушаше“ а ние се воодушевувавме. Гледајќи го, си велевме: вистински магионичар

Брегалница оди да игра во Велес со Керамичар. Некаде во второто полувреме тренерот се осмелува да го внесе во игра и Шеки. Од тој момент се случил невиден пресврт во играта. Малата „чигра“ како што пишуваше утредента во „Нова Македонија“, ги „сомеле“ Велешани

Владимир Панев
Спортски новинар во пензија

Кога веќе пишувам за Штипјани што оставиле силен белег за времето додека живееле, нема да си дозволам да прескокнам едно славно фудбалско име, кое првата слика што ја доживеало била во Штип, веднаш по раѓањето во познатиот Стар Конак, највидното место на Штипјани.

Некаде 1937 година, убавата штипјанка Донка Маркова, со Црногорецот правник Богослав раѓа машко дете. Отпрво му се радувале сите дома, а како и не би – прво па машко, а при тоа, на крај памет не им било дека тоа новороденче кое го добило името Драгослав ќе го обрне врз себе вниманието на целата фудбалска Европа.

Бурните години, по неговото раѓање, семејството Шекуларац е принудено да го напушти Штип. Но, преку лето, редовно доаѓаат на гости во Штип. Мал, палав, шерет – што би рекле ние штипјаните, Драгослав станува љубимец на своите врсници трчајќи по парталавата топка на ширинката кај Стар Конак. Кога доаѓаше преку летото на школски одмор во Штип, ги собираше маалските деца и им покажуваше ќерефеци дотогаш невидени. Топката го „слушаше“ а ние се воодушевувавме. Гледајќи го, си велевме: вистински магионичар.

…Едно време дознавме дека тренира во, тогаш најславниот клуб, Црвена Звезда. И кога ќе дојдеше во Штип не мируваше, си ги носеше копачките и одеше на заеднички тренинг со фудбалерите на Брегалница. Во градот брзо се расчу дека со фудбалерите на Брегалница тренира и некое дете – врвен талент. Љубителите на фудбалот почнаа најмногу заради него, масовно да ги посетуваат тренинзите. Беше тоа вистинска атракција. Уште доволно непознат, на пријателските натпревари тренерот на Брегалница го ставаше да игра, на инсистирање на гледачите. Но, добриот глас на далеку се слуша. Се рашири вест во цела Македонија дека Брегалница има млад фудбалер – вистински виртуоз. Тренерот и Управата малку подзаборавија на правилата и ненамерно направија голема глупост, се со цел да се пофалат.

Еден ден Брегалница оди да игра во Велес со Керамичар. Некаде во второто полувреме тренерот се осмелува да го внесе во игра и Шеки. Од тој момент се случил невиден пресврт во играта. Малата „чигра“ како што пишуваше утредента во „Нова Македонија“, ги „сомеле“ Велешани. Се изнадава голови. Токму така отприлика, пишуваа весниците.
Кога стигнала веста до Белград, Управата, која знаела дека Шекуларац е во Штип, му наредува на секретарот на клубот веднаш со автомобил да оди во Штип и да го врати во Белград. Стравот бил голем: ако дознаат фудбалските органи дека за Брегалница настапувал звездашот Шекуларац, ќе бидат казнети и клубот и тој зашто Шеки играл првенствен натпревар за тим за кој не е регистриран. И ете беља. Во Звезда сите се вознемируваат.

Звезда ги употребува своите „канали“ сето тоа да се заташка и – успева. Под итно, со истиот автомобил го враќаат во Белград, а Звезда успева да ги убеди велешани да не преземаат ништо и да молчат.

Беше тоа последниот натпревар на Шеки за Брегалница. А за Штипјаните мотив масовно да почнат да навиваат за Црвена Звезда.

Токму тогаш и се јави изреката: „Шеки дрибља волове, Костиќ даје голове!“. Парола која и јас (не се срамам заради годините) со големо задоволство ја кажував.
Па, нели, Шеки е наш!