„Маракана“ му се поклони на Дојчиновски (ФОТО+ВИДЕО)

Дојчиновски по настапите за Вардар (1963-1967) и Ц. Звезда, кариерата како играч ја продолжи во Франција, во клубовите Троа и Париз.

724

Кирил Дојчиновски, еден од македонските фудбалери што бил учесник на Светско првенство (во 1974 година, како член на југословенската репрезентација) и долгогодишен член на Црвена Звезда, од 1967 до 1974 година (420 меча, 189 првенствени, 11 гола), пред синоќешниот натпревар од Лигата на шампионите против Ливерпул, на стадионот „Рајко Митиќ“ (поранешна „Маракана“) доби овации од навивачите.

Дојчиновски, како дел од генерацијата на Црвена Звезда која во 1973 година славееше двапати против Ливерпул во тогашниот Куп на европските шампиони, двапати со по 2-1, беше поканет од домаќинот, заедно со соиграчите Владимир Петровиќ – Пижон, Станислав Караси, Слободан Јанковиќ и Јован Аќимовиќ. Беа поканети, но не се појавија Никола Јовановиќ, Петар Кривокуча, Михаљ Кери, Владислав Богичевиќ и Воин Лазаревиќ. Голманот од таа екипа, Оља Петровиќ, како и Мирослав Павловиќ, се починати.

Дојчиновски по настапите за Вардар (1963-1967) и Ц. Звезда, кариерата како играч ја продолжи во Франција, во клубовите Троа и Париз. Продолжи како тренер и беше и успешен селектор на Салвадор, а предводеше и повеќе латиноамерикански клубови. Меѓу другите, му беше тренер и на славниот Емилио Бутрагењо, со кого лани, во рамките на Суперкупот на УЕФА што се одржа во Скопје, имаше емотивна средба.