Македонија го совлада Бахреин за втората победа на Светското првенство

„Жолто-црвените" триумфираа со 28-23 (12-8) против азискиот тим и се веќе на чекор од пласман во главната фаза од Мундијалот, кој се игра во Германија и Данска.

194

Македонската ракометна репрезентација ја оствари втората победа на Светското првенство и ја оправда фаворитската улога против аутсајдерот во групата „Б” – Бахреин.

„Жолто-црвените” триумфираа со 28-23 (12-8) против азискиот тим и се веќе на чекор од пласман во главната фаза од Мундијалот, кој се игра во Германија и Данска.

Македонија имаше одличен старт на мечот, поведе со 6-2 но потоа дури 11 минути не реализиравме погодок, а Бахреин со серија од 5-0 дојде до водство од 7-6. Во финишот сепак направивме серија од 5-0 и на полувремето заминавме со предност од 12-8.

Во вториот дел избраниците на Раул Гонзалез ги презедоа работите во своите раце, поведоа со највисоки 23-15 и рутинирано ја довршија задачата. На петнаесетина минути пред крајот, шанса добија и младите Митревски, Крстевски и Серафимов од клупата.

Најефикасни поединци кај нашите беа Кире Лазаров со 8 и Дејан Манасков и Филип Кузмановски со по 4 гола. Капитенот беше прогласен и за „Играч на натпреварот”.

Македонија ќе одмора нешто повеќе од 24 часа, а веќе утре од 18 часот излегуваме против Хрватска.