Споредувањето со ВМРО никому не може да му е од полза

мирослав грчев
Мирослав Грчев. / Фото: Приватна архива

Најдоброто што може да и се случи на една лоша власт е да има многу полоша опозиција. Од друга страна, на една добра власт потврдено лоша, деструктивна и злосторничка опозиција може само да ѝ штети. Бидејќи во реалноста, практично, не постојат овие јасно издвоени црно-бели вредносни категории (добра и лоша), вистинскиот политички живот во сите држави на светот се одвива во зоната на сивото, во бескрајно повеќе од само „педесетте нијанси на сиво“. А, оптиката на обичниот човек по правило тешко се снаоѓа во сивиот спектар, кој не случајно се употребува како метафора за баналност, матност, медиокритетство и секаква друга кал. Поради тоа, во последните неколку децении од незапаметената политичка безидејност што по пропаста на социјалистичката идеја завладеа со планетата, изборните циклуси произведуваат политички тетеравења од десно кон подесно, од лошо кон помалку лошо или неретко кон застрашувачки лошо. Ова тетеравење несопирливо произведува сè  поголеми разочарувања на избирачите кон политичките елити, кон изборите како такви, конечно и кон самата демократија (што и да се мисли под тој поим денес), а крајниот резултат од овие ресентимани се сè поголемите поделби помеѓу луѓето, заразното незадоволство и безнадежност што се чувствуваат на секое социјално ниво.

Непрежалената Македоња не само што не ги избегна овие разорни глобални процеси, туку – и во рамките на својата маргиналност и провинцијализам – успеа да постигне „завидни“ резултати во сопствената општествена деградација и деструкција. Овие провинциско-олимписки рекорди во дејствувањето во корист на сопствената штета немаше никогаш да ги освоиме да не ја одгледавме и упорно да не ја одржувавме сопствената современа варијанта на вечно бугарското, вечно антимакедонското ВМРО: автоимуната болест на нашата независност – ВМРО-ДПМНЕ. (Се разбира, под ВМРО тука ги подразбирам сите злосторнички инсталации од 1920-та година до денес, кои не смеат да се доведуваат во врска со македонските и македоно-одринските револуционерни организации што се формираа и дејствуваа пред балканските војни, кои носеа сосем други акроними: МРО, ТМОРО и други). Ќе речете, почитувани читатели, дека го презголемувам уделот на ВМРО во грамадно поголемите континентални и глобални процеси на идејно-политичко, интелектуално и општествено назадување, што почна да ги растресува и самите темелни вредности на просветителството и модернизмот, и нè воведоа во ера што првин – прилично неинвентивно – е наречена постмодерна, за последниве години да биде наречена „ера на поствистината“.

ВМРО-ДПМНЕ им делеше адути на нашите противници

Но улогата на ВМРО-ДПМНЕ во сите неволји што непрежалената Македоња ги имаше од првиот ден независноста – всушност, некоја година и пред раѓањето, додека уште беше во утробата на својата мајка Југославија, легната во смртна постела – практично не може со зборови да се презголеми, зашто злоделата на оваа злосторничка организација се премногу видливи, дури чудовишни, па ние и ден-денес живееме во нивната сенка. Сите меѓународни проблеми – што ќе ги имавме и без вемерето – тие ги направија посложени и подлабоки, во сите геополитички кризи во кои македонската држава несопирливо мораше да упадне, ВМРО им делеше адути на нашите противници. Од закажувањето на конгреси во Солун, преку инфантилното државно знаме со мотив на ѕвезда што некоја година претходно грчките археолози ја открија на посмртниот ларнакс на Филип Втори Македонски, до безумната античка хеленизација на скопскиот центар и на државата.

На внатрешно-политичкото поле, ВМРО-ДПМНЕ дадоа клучен придонес во експлозијата на национализмите на ова мало, збрчкано и етнички мешано парче земја. Нивното налудничаво создавање на ултранационалистичкиот мит за македонскиот натчовек, несопирливо ги разбуди и албанските пандани, што – да не потсетувам за џабе, зашто сите тоа го паметиме – за малку ќе ја уништеше македонската држава во пламенот на граѓанска војна. Радикалниот ултранационализам, меѓутоа, исто толку немилосрдно го подели и македонскиот етнос, делејќи ги луѓето на „вистински“ Македонци – што значеше вмровци – и други, кои доколку се дрзнеа да пуштат глас се нарекуваа „предавници“. Вистинското лице на овој прагматичен ултранационализам, меѓутоа, беше сè само не патриотско, зашто послужи за создавање на лоповски компрадорски капитализам, во кој фашисоидно стопените институции на државата станаа само инструменти за одржување на авторитарната власт и за ограбување на македонските општи добра. Таа вмровска државоубиствена творба, што од меѓународната заедница еуфемистички беше наречена „заробена држава“, за неполните единаесет години ефективно владеење успеа однатре да го отруе и распадне, практично, секој дел и слој на македонското општествено ткиво, и да ги обезвредни и опогани сите претходни културни достигнувања на нацијата.

Ние и денес, а како што тргнавме и уште кој-знае-колку време, ќе живееме во сенката на вмровската фашизоидна партиска држава, зашто штетните последици од таа кобна деценија се толку темелни и страшни, што ние во меѓувреме заборавивме како беше пред катастрофата и што треба да се прави за да се поправат штетите. Ние веќе не знаеме што се институционални механизми на самоконтрола, самокритика и самоевалуирање, ние сè уште не можеме да го обезбедиме процесот на препознавање, детектирање и коригирање на грешките, и тоа на сите државни и општествени нивоа. За жал, ние сме далеку од таквото функционирање на институциите зашто сме заглавени во одбивање да прифатиме каква и да е одговорност за стореното, исто како што сме неспособни за какво и да е поправање на грешките и справување со последиците од сторените недела. Најдобар пример за ова е што уште не е забранета злосторничката партија што ја украде македонската држава и не е конфискувана и евакуирана како градежен шут криминалната „куќа на фашизмот“ – украдената штабквартира на ВМРО-ДПМНЕ.

Самото постоење на ВМРО-ДПМНЕ е тежок хендикеп

Не се исчистени срамните споменици на македонскиот фашизам во центарот на Скопје, не се сменети стотиците неуставни и неправни закони што се донесени во тоа време, и конечно, ние сè уште не покажавме дека можеме да изведеме системско коригирање на погрешните политики и да се справиме со нивните последици. Успеавме само да ја демонтираме субординативната пирамида на ВМРО, да обезбедиме да се живее, дише и зборува без страв, но тоа е далеку од обезбедување на системски услови за вистински просперитет, владеење на правото и развој на повисока политичка и граѓанска култура.

Така што, во пресрет на уште едни избори, самото постоење на ВМРО-ДПМНЕ на политичката сцена, а да не зборуваме за нејзиното оркестрирано гнасење на целата атмосфера со црна пропаганда, лаги и деструкција од секаков вид, претставува тежок хендикеп за секоја подобра политичка понуда. Никој не може навистина да просперира доколку ги добие изборите, затоа што бил подобар од ВМРО-ДПМНЕ, затоа што сè  додека постои оваа злосторничка партија таа ќе биде најлошиот – практично самоубиствен – избор за напатената Македоња.

Без секое сомневање, СДСМ е неспоредливо подобриот избор, но тука е и парадоксот (што е воедно и оксиморон), зашто да си „подобар“ можеш само со споредување, а веќе самото споредување со ВМРО, за жал, никому не може да му е од полза.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот