Според власта, ВМРО-ДПМНЕ е таа која не сака избори, затоа ги кочи законите во Собрание

Фото: Слободен печат/Д. Митрески

Стари закони, нови блокади, по 30 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ се јавуваат за една точка. Со исто темпо како и претходните, се одвива и денешната собраниска седница. Собраниската говорница е резервирана за пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. По 30 народни избраници се јавуваат за збор само за една точка од дневниот ред, а се слушнаа истите обвинувања дека власта прави хаос со толку многу закони на неколку собраниски седници. Опозициските пратеници од собраниската говорница обвинуваат дека власта се плаши од избори.

– Ова е дебата на глуви – рече од собраниската говорница, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Димитар Стеванаџија.

Костадин Костадинов од СДСМ, пак, ја повика ВМРО-ДПМНЕ да го каже конечниот став за уставното име на нашата држава.

– ВМРО-ДПМНЕ се однесува деструктивно. Со блокадата на Законот за одбрана, Мицкоски и неговите пратеници го кршат Уставот и го попречуваат нашето зачленување во НАТО. На Мицкоски и на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ им пречи уставното име Република Северна Македонија, кога државата треба да стане 30 членка на НАТО, но не им пречи во Европската народна партија да се впишани како партија под уставното име Република Северна Македонија. Им пречи уставното име дома, а не им пречи при службени средби и кога треба да земат плата од Собранието на Република Северна Македонија – рече Костадинов.

Пратеникот Самка Ибраимовски рече дека опозицијата прави се за да не се донесат клучните закони за граѓаните, а со тоа станува и очигледно дека ВМРО-ДПМНЕ не сака избори. Тврди дека ако биле за избори, тогаш немаше да ги блокира клучните закони.

– ВМРО-ДПМНЕ ги кочи законите кои им се потребни на граѓаните. Несфатливо е да кочиш закони какви што се на пример законот за стечајни работници, за облигационите односи во врска со извршителите , за јавното обвинителство со кое ќе има правда во државата. Ова покажува дека не сакаат предвремени избори бидејќи да сакаа, ќе ги гласаа – вели Ибраимовски.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски денеска на прес-конференција изјави дека Зоран Заев работи на сценарио за одложување на изборите затоа што се плаши од избори и се плаши од соочување со народот.

Николоски вели дека на Заев првото алиби за одложување на изборите му беше ратификувањето на протоколот за влез во НАТО, но, како што вели, тоа не му успеа оти било разобличено од ВМРО-ДПМНЕ.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека дел од законите кои се во собраниска процедура се со скандалозна содржина, се на штета на граѓаните и се апсолутно неприфатливи за ВМРО-ДПМНЕ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот