Според бројот на аплицирани вакцини: 38 отсто од популацијата во Македонија е вакцинирана

Вакцинација во Северна Македонија / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Бројот на активни случаи на ковид-19 во земјава е 10 785 лица, додека опфатот на вакцинација со една доза, на полнолетната популација е 47 отсто, а со две дози опфатени се 44 отсто од граѓаните над 18 години.

Според бројот на аплицирани вакцини, 38 отсто од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 35 отсто од популацијата во државата примила две дози вакцина, покажуваат информациите на Министерството за здравство.

Заклучно со вчера, според информациите од МЗ, вкупно се вакцинирани 793 179 граѓани, ревакцинирани се 743 374, а трета доза примиле 571 граѓанин.

Согласно податоците од Институтот за јавно здравје во последните 24 часа, од направени 2974 тестирања, регистрирани се 393 нови случаи на ковид-19. Оздравени се 397 пациенти, а 20 граѓани ја изгубиле битката со вирусот во последните 24 часа.

Дополнително, согласно Регистарот на умрени лица со дијагноза ковид-19 од Мој Термин, пријавени се уште пет починати лица, со датум на смрт од 21.9.2021 до 2.10.2021 година.

Досега во земјата се направени вкупно 1 311 162 тестирања на ковид-19. Вкупната бројка на ковид-19 дијагностицирани лица од почетокот на епидемијата изнесува 193 846. Оздравени се 176 278, а починати 6783.

Извор: МИА

Видео на денот