Спора е правдата за уништеното Охридско крајбрежје на Далјан: Се уште нема обвинение за Нефи Усеини

дивоградба нефи усеини
Фото: Принтскрин / ОХРИД СОС

Цела една година откако Охрид СОС објави снимки на камиони на фирмата на Нефи Усеини како насипуваат земја и отпаден материјал на охридското крајбрежје кај Далјан, сѐ уште нема ниту обвинение, а уште помалку има епилог на овој случај. Постапката во Обвинителството сѐ уште е во фаза на предистражна постапка и се работи на утврдување на фактите и обезбедување на потребната документација, информираат од Јавното Обвинителство.

Според информациите добиени од ЈО, предмет за овој случај во Основното јавно обвинителство Охрид е оформен на 21.04.2021 година, по поднесена кривична пријава од СВР Охрид против повеќе лица – меѓу кои и против правното лице НЕФИ ИК ДООЕЛ Охрид. Кривично дело за кое се товари фирмата на Усеини е узурпација на недвижности во врска со случајот со насипувањето земја и градежен шут на државно земјиште во охридската населба Далјан.

Имено, за да си ја прошири градежната парцела на која потоа ќе се гради хотел, фирмата на Усеини истура десетици шлепери земја во самото езеро. По објавите на социјалните мрежи реагираше и државниот Инспекторат за животна средина и охридската полиција, но кривичната пријава се оформува дури во април годинава, кога е и доставена до ОЈО- Охрид.

„Во врска со овие преземени работи на наведените парцели претходно во ОЈО Охрид беше веќе оформен предмет против едно физичко лице, па поднесената пријава беше приклучена кон веќе оформениот предмет“, се вели во одговорот на службата за информирање на Јавното Обвинителство, за случајот Далјан.

Усеини, кој на последниве локални избори по вторпат ја освои советничката функција во Општина Охрид како кадар на ДУИ, пред неколку дена поднесе оставка на функцијата. Иако Усеини не ја наведе причината за оставката, познато е дека фирмата на овој контроверзен охридски бизнисмен, Нефи ИК има добиено тендери од јавни претпријатија и општината, како на пример за тампонирање на улици во вредност од 15 илјади евра и за одржување на охридската депонија Буково.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот