„Спона“ ќе ја промовира новата книга на писателот Мухарем Баздуљ во Скопје

Мухарем Баздуљ / Фотографија: Небојша Мандиќ

Српскиот културно-информативен центар „Спона“ на 6 јуни, со почеток во 19.30 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје, организира гостување на Мухарем Баздуљ. Тој е писател, новинар, публицист, преведувач…, хроничар на нашето време и одличен познавач на минатото на овие простори.

Во Скопје Баздуљ ќе го промовира својот актуелен, неодамна објавен роман „Невидливата дружба“. За неговото книжевно творештво ќе зборуваат: македонскиот писател Александар Прокопиев; потоа Милутин Станчиќ, прв човек на „Спона“, кој ќе зборува за животните ставови на Баздуљ; додека новинарот Иван Беќковиќ со Мухарем ќе разговара за неговата фасцинација од музиката.

Баздуљ по образование е дипломиран студент по англиски јазик. Од родниот Травник, преку Сараево, заминал во Белград, во кој се вљубил заради сеќавањата на татко му за неговите војнички денови. Своето детство го памети како идилична слика на социјалистичкото воспитување, каде што не беше важно на која религија ѝ припаѓате. Војната во Босна драстично смени сѐ…

Македонската публика која ја следи литературата добро знае кој е Мухарем Баздуљ. Неговите книги „Кукла од марципан“ и „Ѓаурот и Зулејха“ се веќе преведени на македонски јазик, а Скопје како град одамна го има освоено.

Во случај на неповолни временски услови, местото на одржување на промоцијата ќе се премести во галеријата на Културно-информативниот центар (КИЦ) во Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот