Споменик за српскиот војник Михаиловиќ

Фото: Слободен печат

Дали на поранешен српски војник треба да му се изгради споменик во Скопје? Станува збор за човек што во две војни своеволно ја облекол униформата на српската војска. Првиот пат во Балканските војни кога како доброволец бил ранет кај Куманово, а во Првата светска војна со остатоците од српската армија ја поминал „албанската голгота“ и бил евакуиран на Крф.

Дали воопшто во Скопје може да се изгради споменик на некој што се презива Михаиловиќ? Иако не се работи за „чича“, сепак презимето му е во најмала рака дискутабилно.

Секако дека може, бидејќи Јосиф Михаиловиќ е човекот што практично го има измислено Скопје. За само седум години, тој од касаба има направено град.

Тресончанецот Михаиловиќ по годините поминати во војување и учење, студирал во Белград, Лондон, Париз и Ајова, целосно му се посветил на Скопје. На негово барање, од владата на Кралството Југославија, на располагање му биле оставени 400 ученици по геодезија, кои со 15 асистенти на професори за само шест недели го завршиле премерувањето на градот. Потоа, се гради градската болница, железничката станица, плоштадот, згради како „Ибни Пајко“, „Црвен крст“, хидроелектраната „Матка“ и системот за водоснабдување кај селото Рашче и уште стотици други градежни проекти.

Во 30-тите години од минатиот век, 20 проценти од скопјани живееле во новоизградени станови, а единствениот град во светот што можел да се пофали со подобра статистика бил Цирих, каде што 22 отсто од зградите биле изградени по војната. Градењето на хидроцентралата било мотивирано, пред сè, од социјални причини, бидејќи производството на електрична енергија во тоа време било организирано од приватни лица. Михаиловиќ со изградбата на хидроцентралата на скопјани им обезбедил евтина енергија, а лиферантите издејствувале тој да биде сменет од тогашниот премиер Стојадиновиќ. Градоначалникот ја платил политичката цена, но по кратко време повторно се вратил на функцијата. Во неговиот мандат е изграден и завод за вработување, а во комплексот имало бесплатни соби и менза за невработените.

Улиците од кал и макадам биле целосно поплочани со коцка, а за првпат било поставено и улично осветлување на сите делови од градот. Јосиф Михаиловиќ буквално го изградил градот, правејќи за седум години колку и сите наредни градоначалници заедно.

Починал непосредно пред Хитлеровата инвазија на Југославија во Втората светска војна. Погребан е на старите гробишта кај црквата „Света Петка“, а по дислокацијата, протераните членови на неговото семејство не биле во можност да го превземат гробот. Затоа Михаиловиќ денес во Скопје нема ниту гроб, иако на неговиот погреб присуствувале 10 илјади скопјани.

Но, иако е најпопуларниот градоначелник во историјата на Скопје, тој потполно паѓа во заборав во децениите што ќе следуваат. Една улица во Скопје цело време го носи неговото име, но на пример училиштето „Гоце Делчев“, во минатото биле именувано според него, а во некоја од режимските промени, неговото презиме е сметано за неподобно.

Јосиф Михаиловиќ не е колонист, ниту пак некаков паразит на државниот апарат. Тој заслужува голем споменик во Скопје и барем една табла пред амбасадата на Република Албанија, која е сместена во куќата што самиот ја изградил за своето семејство.

Но, пред да му се изгради споменик, можеби за дозвола ќе треба да се праша Артан Груби? Кога претходната влада постави едно спомениче на Цар Душан, Груби, придружуван од Ермира Мехмети и неколку функционери на партијата ДУИ, со шипка се обиде да го урне споменикот. Исто како и Михаиловиќ и Душан Немањиќ е голем градител на Скопје, правејќи од градот најбитна кота на географската карта на патот помеѓу Константинопол и Виена во средниот век.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот