Список на намирници кои ќе го спречат настанувањето на бубрежни камења

Profimedia

Поради губење на течноста, се создава помалку урина па поретко уринирате, а тоа им овозможува на минералите кои формираат камења да почнат да се таложат во бубрезите и уринарниот тракт.

Камењата во бубрезите се цврста формација која настанува од кристали од урината. Кај повеќето луѓе, природните хемикалии во урината го спречуваат формирањето на камења и придружни проблеми, но понекогаш тоа не функционира. За да спречите создавање на камења, најдобриот совет е да пиете голема количина вода секој ден, бидејќи тоа ќе ве натера често да уринирате, со што ќе избегнете таложење на калциум или урична (мокрачна) киселина. Затоа, секое зголемено потење (во сауна, поради интензивно вежбање или високи летни температури, итн.), ако е често, може да доведе до формирање на камења во бубрезите. Поради губење течност, се произведува помалку урина, па поретко уринирате, а тоа им овозможува на минералите кои формираат каменчиња да почнат да се таложат во бубрезите и уринарниот тракт. Затоа, водете посебна грижа да ја надоместите изгубената течност при секое зголемено потење. Под нормални околности, потребно е да се пијат од 8 до 12 чаши вода на ден за да се создаде оптимална количина на урина.

Исхрана против камења во бубрезите

Не постои единствена исхрана за да се спречи создавање камења во бубрезите, туку таа зависи од видот на камењата. Двата најчести типа се камења од калциум оксалат и камења од уричната киселина.

Камења од калциум оксалат: помалку сол, повеќе калциум

Оксалатот е природно присутен во многу намирници, вклучувајќи ги овошјето и зеленчукот, лешниците и семките, житарките и мешунките, па дури и чоколадото и чајот. Но, храната како кикирики, спанаќ, цвекло, блитва, чоколадо и сладок компир (батата) има особено висок процент на оксалати. Намаленото консумирање на овие намирници може да биде од голема помош за луѓето кои се склони кон формирање на ваков вид камења во бубрезите. Јадете и пијте намирници богати со калциум, како што се млеко, јогурт и некои сирења заедно со храна богата со оксалат.

Имено, оксалатот и калциумот ќе се спојат во желудникот и цревата пред да стасаат до бубрезите, со што ќе се намали ризикот од развој на камења во бубрезите. Иако можеби називот на овие камења упатува на тоа дека калциумот е непожелен за луѓето склони кон нив, тоа не е точно. Напротив, исхраната со низок удел на калциум ќе го зголеми ризикот од развој на камења во бубрезите. Затоа, не намалувајте го внесувањето на калциум, но затоа намалете го внесот на сол и внимавајте во вашиот оброк секогаш да ги комбинирате намирниците богати со калциум со оние што изобилуваат со оксалат. Тоа е клучот за спречување на камења од калциум оксалат.

Препорачаната дневна доза на калциум за спречување на создавање камења во бубрезите е 1.000-1.200 мг на ден. А, зошто солта е опасна? Прекумерното консумирање сол доведува до зголемено отпуштање на калциум во урината, а со тоа и до фомирање на нови камења.

Камења од урична киселина

Црвеното месо и школките содржат поголеми количини на хемикалијата која се нарекува пурин, а високиот внес на пурин доведува до зголемено производство на урична киселина, а со тоа и до поголема количина на киселина којашто бубрегот мора да ја излачува. Зголеменото излачување на урична киселина значи и покисела урина, а поголема концентрација на киселина во урината го олеснува формирањето камења на урична киселина.

За да спречите формирање на овие камења, треба да го намалите внесувањето храна богата со пурин, како што се црвено месо, пиво и алкохолни пијалаци, сосови од месо, сардини, школки.

Држете се до исхрана базирана на овошје и зеленчук, цели зрна и обезмастени млечни производи.

Намалете го внесот на храна и пијалаци со шеќер, особено оние со висока содржина пченкарен сируп. Намалете го внесот на алкохол бидејќи може да го зголеми нивото на урична киселина во крвта. Намалениот внес на животински протеини и зголемениот внес на зеленчук и овошје ќе помогнат да се намали количината на урична киселина, а со тоа и да се намали ризикот од развој на камења во бубрезите од овој тип.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот