Списоците за чекање сѐ подолги, во најава изградба на десетина нови градинки

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Со години наназад сите се согласуваат дека треба да се градат и отвораат нови градинки, но тоа некако пребавно оди па родителите на децата што не се примени во претшколски установи се снаоѓаат на разни начини – приватни градинки, баби, па дури и отказ на работа ако не успеат да ги згрижат децата поинаку.

Проблемот со запишувања деца во скопските градинки трае со години, но ескалираше откако Општина Карпош донесе одлука од градинките на нивна територија од 10 јуни да се испишат сите дечиња што не се жители на Карпош, поради долгиот список од дури 306 деца од Карпош, кои чекаат на ред за градинка.

Долги списоци за чекање има во градинките во сите скопски општини. Најсериозна е состојбата во Аеродром каде што на списокот за упис во градинките се речиси 1.000 деца, односно точно 918, а најмалку деца моментално се на чекање за градинките во Чаир – 130.

Со години наназад сите се согласуваат дека треба да се градат и отвораат нови градинки, но тоа некако пребавно оди, па родителите на децата што не се примени во претшколски установи се снаоѓаат на разни начини – приватни градинки (доколку можат да си ги дозволат), баби, тетки, жени за чување, па дури и отказ на работа ако не успеат да најдат друг начин за згрижување на децата.

Неколку општини веќе најавија дека нивната програма за работа опфаќа и изградба на градинки – дури десетина нови. Општина Кисела Вода информира дека ќе обезбеди место за згрижување на повеќе од 400 дечиња со отворање три нови градинки.

 Во Усје веќе се одвиваат подготвителните активности за отворање нова градинка, преку адаптација со пренамена на објектот. Тука ќе се згрижат околу 70 деца, пред сѐ, од овој дел на градот, односно од населбите Усје, Стакларница и Градинар. Паралелно, во населбата Расадник во моментов работиме на проектот за изградба на сосема нов објект, кој ќе биде во рамките на постојната ЈДГ „8 Март“. Летово таму почнуваат градежни активности за изградба на нови 800 квадратни метри, во кои ќе се згрижат околу 250 деца. Место за нови 100 дечиња и растоварување на постојните капацитети се овозможува и со пуштањето во функција на новата градинка во Драчево „Пеперутка 3“, каде што ќе се отворат нови шест групи за деца од 0 до 6 години – велат од Кисела Вода и додаваат дека неодамна е проширен и капацитетот на објектот „Синоличка“.

И во општина Чаир капацитетите на градинките не ги задоволуваат потребите на жителите. Оттаму велат дека состојбата со бројот на децата во групите покажува дека во секој момент, во секој објект и во секоја група континуирано се бара место повеќе.

 Според Деталниот урбанистички план на Општина Чаир, предвидено е проширување во сите работни единици на двете градинки. Во тек е изградбата на новата градинка „Бамби“, која се гради на истата локација каде претходно беше стариот објект. „Бамби“ ќе биде современа и модерна градба со капацитет за 350 деца и со посебна кујна. Инвеститор е МТСП во соработка со Општина Чаир – објаснуваат од Општината.

Во наредниот период се предвидува изградба на три до четири градинки на територијата на Општина Аеродром со комплетирање на целокупната проектна документација, но оттаму не прецизираат каде се планираат овие објекти и колкав капацитет за опфат на деца ќе имаат.

Во Општина Ѓорче Петров во моментов 500 дечиња се на списоците за чекање. Оттаму велат дека планот за намалување на бројот на оние што чекаат е отворањето на новите три занимални во клонот „Детелинка“, која ќе има опфат од околу 100 деца.

Просториите можеа да бидат отворени уште пред пет месеци, но проблем е што МТСП сѐ уште не ни дава согласности за вработувања. Очекуваме до септември да биде отворена и новата градинка во Волково ако навремено добиеме согласности за вработувања. Таму ќе се запишат дополнително уште 200 дечиња – информираат во Ѓорче Петров.

Проблем со недостиг на кадар во претшколските установи има и во општина Карпош. Во градинките на нејзина територијата, како што тврди градоначалникот Стевчо Јакимовски, има 11 слободни училници со капацитет за околу 150-160 деца, но нема доволно вработени за нивно згрижување.

 Немаме согласност од надлежните министерства да примиме кадар. Истовремено, повеќе од 25 негувателки, воспитувачки и технички персонал се заминати од различни причини и за нив нема одобрение да се пополнат испразнетите места. Од тие причини градинките се во многу тешка ситуација. Вработените со крајни напори успеваат само да ги згрижат децата, но, за жал, отсуствува воспитната и образовната компонента. Сето ова оди на штета на децата од општина Карпош – вели Јакимовски.

Тој посочи дека Општината годинава нема доволно средства да се изградат нови градинки, но, како што најави, веќе наредната година ќе се почне со изградба на првите две нови градинки во Карпош.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот